• недела, 28 јули 2024

Старата водоводна мрежа без вода ги остави жителите од штипската населба Железничка

Старата водоводна мрежа без вода ги остави жителите од штипската населба Железничка
Штип, 6 јуни 2022 (МИА) - Низа дефекти на водоводната мрежа секојдневно се актуелен проблем во Штип, минатиот месец без вода беа жителите од  улицата  „Борко Талев“, а сега и населбата Железничка, која веќе четири дена е без вода за пиење. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека старата дотраена водоводна мрежа ги остава жителите на некои од населбите речиси секој ден, а дополнителен проблем е и зголемената количина на вода по приклучувањето на ХС Злетовица. За разлика од претходната година дефектите во првото тримесечие се за двапати повеќе. -Заедно со ЈП „Исар“ направивме анализа според која во 2020 година од јануари до март имало 73 дефекти, во 2021 година во истиот период имало 83 дефекти, додека, пак, во оваа 2022 година дефектите во водоводната мрежа се дури 163 на број за период од само три месеца, вели Јорданов. Во населбата Железничка во моментов се работи на стабилизација на водоснабдувањето. Меѓутоа, ова не е крајно решение на проблемот. Загубите се огромни и за ЈП „Исар“, а ризик за граѓаните освен немањето вода, се и штетните азбестните цевки. -Ако на ова ги додадеме 60 проценти од губитоците на филтрирана и преработена вода поради дотрајаноста на водоводната мрежа, тогаш ЈП „Исар“ и Општина Штип за период од јануари до март имаат огромни загуби и трошоци. Но ова не е главниот проблем, најважно е здравјето на граѓаните, заради тоа што голем процент од водоводната мрежа е со азбестни цевки штетни по здравјето на граѓаните, додава Јорданов. -Што се однесува до населба Железничка, во кругот на фабриката Бетон, каде има складирано машини, имавме неколку дефекти во изминатите неколку дена. Дел решивме, друг дел решаваме. Во моментов се врзува последниот дел од заменетата мрежа со што ќе се стабилизира водоснабдувањето, вели  директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков. Целосното решавање на проблемот Општината и претпријатието го гледаат во комплетна реконструкција на водоводната мрежа. Општината иницира да ги искористи парите од самопридонесот, но за ова граѓаните ќе одлучуваат на референдум. Колкав дел од примарната мрежа ќе се замени и колку финансиски средства се потребни ќе покажат пресметките. -Граѓаните на Штип ќе биде потребно да излезат масовно на референдум затоа што ова прашање е од општ и заеднички интерес за сите наши сограѓани, порача Јорданов. За утврдување на датумот на референдумот ќе се разговара на средба со сите политички чинители, а  како што рече Јорданов, пожелно е да биде со некои избори за да се скратат трошоците за спроведување, но доколку нема таква можност, дополнително ќе се одбрере соодветен датум за распишување. вдј/аа/

Остани поврзан