• сабота, 23 ноември 2024

Стано: Потпирањето на земји како Северна Кореја ја разоткрива слабоста на Русија

Стано: Потпирањето на земји како Северна Кореја ја разоткрива слабоста на Русија

Брисел, 21 октомври 2024 (МИА) - Европската Унија е свесна за извештаите кои укажуваат дека Северна Кореја и Русија ја зајакнуваат нивната веќе постоечка воена соработка со испраќање севернокорејски војници на руска територија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.  

- Тоа сигнализира дека Русија е навистина очајна во обезбедувањето на сета помош што може да ја добие, затоа што е толку изолирана и е под толку многу санкции, што не може да го стори тоа со други начини и средства. Само уште еднаш да потсетам, Северна Кореја е режим под повеќекратни санкции од страна на Советот за безбедност на ОН и е актер кој сериозно ги нарушува стабилноста, мирот и безбедноста не само во регионот, туку и на глобално ниво. Потпирањето на земји како што е Северна Кореја само ја разоткрива слабоста на Русија, рече Стано. 

Тој иронично забележа дека Русија изгледа навистина „спроведува специјална операција во Украина“, доколку и треба помош во војници од „изолиран режим кој е под санкции на Обединетите нации“. 

- Секако дека сме многу загрижени за растечката воена соработка помеѓу Северна Кореја и Русија. Подеднакво сме загрижени од трансферите на оружје меѓу овие две земји и со што во моментов се прекршуваат повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН. Ако се потврдат извештаите за трансфер на војници од Северна Кореја во Русија, тоа би означило уште едно ниво на ескалација и значително зголемување на нивната соработка, рече Стано. 

Според него, на овој начин Русија уште повеќе би ги прекршила меѓународните правила и меѓународното право и само би илустрирала дека е решена „да ги ескалира“ своите незаконски активности против Украина.  

- Русија апсолутно не е заинтересирана за изнаоѓање мировно решение и пораката што ја испраќа со ова е дека не само што бара воена помош од каде било, главно од изолирани режими, туку и размислува и за користење на нивните војници, додаде Стано. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан