• понеделник, 23 декември 2024

Стано за РСЕ: ЕУ го поздравува повикот на Вучиќ до Србите да се вратат во косовските институции

Стано за РСЕ: ЕУ го поздравува повикот на Вучиќ до Србите да се вратат во косовските институции

Брисел, 16 септември 2024 (МИА) - Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, ја поздрави поканата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за враќање на косовските Срби во институциите на Косово.

„Ја поздравуваме подготвеноста изразена од претседателот Вучиќ да продолжи да учествува во дијалогот предводен од ЕУ. Гледаме позитивно на повикот за учество на косовските Срби на изборите во Косово и реинтеграцијата на косовските Срби во сите косовски институции што ги напуштија во 2022 година“, вели Стано во писмениот одговор за Радио Слободна Европа.

На 13 септември, Вучиќ побара распишување локални избори на северот на Косово, враќање на Србите во полицијата и судството и повлекување на специјалните полициски сили од северот на Косово.

Стано рече дека запаливата реторика и едностраните дејствија се спротивни на дијалогот.

„Тие ја загрозуваат нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и безбедноста на граѓаните“, рече Стано.

Тој го повтори повикот на ЕУ за деескалација на ситуацијата и за целосно и итно спроведување на договорот и ги повика двете страни да потврдат конструктивен ангажман во процесот на нормализација.

„Договорите за дијалог предвидуваат чекори и процедури за тоа да се случи, особено во согласност со косовската правна рамка. Во овој контекст, спроведувањето на Заедницата на општини со српско мнозинство е многу важно“, рече Стано.

Во оваа прилика тој ја потврди намерата на ЕУ утре да одржи дијалог на ниво на главните преговарачи, но засега останува неизвесно дали ќе има заедничка средба. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Остани поврзан