• понеделник, 23 декември 2024

Стано: Затворањето на филијалите на „Поштата Србија“ во северно Косово е спротивно на договорите од дијалогот 

Стано: Затворањето на филијалите на „Поштата Србија“ во северно Косово е спротивно на договорите од дијалогот 

Брисел, 6 август 2024 (МИА) - Европската Унија го смета вчерашното затворање на деветте филијали на „Поштата Србија“ на северот на Косово од страна на косовските власти како унилатерален и некоординиран чекор, затоа што со договорот меѓу Белград и Приштина за телекомуникациите од 2013 година е предвидено прашањето за поштенските услуги да се реши „во подоцнежна фаза“ од разговорите, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

- Тоа значи дека е предвиден дијалог за решавање ова прашање. За жал, тоа што вчера го направија косовските власти, е апсолутно целосно некоординирано и претставува апсолутно едностран потег, што има многу негативни последици за луѓето во северно Косово, додаде Стано во одговор на новинарски прашање зошто ЕУ во вчерашната реакција ја оцени оваа акција како еднострана и некоординирана. 

Според Стано, вчерашната акција на косовските власти е насочена против дијалог меѓу Белград и Приштина и претставува прекршување на договорените обврски. 

- Од минатото знаеме кои се резултатите од преземените еднострани и некоординирани акции и нивните негативни последици врз населението, додаде портпаролот на ЕК. 

На прашање со какви последици би можела да се соочи Приштина поради вчерашната акција, Стано одговори дека ЕУ јасно порачала во вчерашното соопштение што очекува од администрацијата на косовскиот премиер Албин Курти. 

- Мерките што беа преземени против Косово минатата година се одраз на чекори што водат кон ескалација. Сега гледаме дополнителни унилатерални чекори, дополнителни некоординирани акции, што водат кон понатамошна ескалација. Сметам дека тоа треба многу јасно да го сфатат оние што ги носат тие одлуки во Приштина, додаде Стано. 

Оценувајќи дека вчерашната акција претставува прекршување на договорите постигнати во рамките на Дијалогот Белград-Приштина, ЕУ во вчерашната реакција нагласи дека едностраните и некоординирани акции не можат да понудат решенија за ова или кое било друго прашање што е дел од процесот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.  

- Затворањето на постоечките служби на косовските Срби, без претходно договорен некаков нов аранжман, дополнително негативно ќе се одрази на секојдневното живеење и условите за живот на оваа заедница. ЕУ е подготвена да го вклучи ова прашање на агендата на следниот состанок од дијалогот. ЕУ очекува страните да предложат конструктивни идеи кои би можеле да послужат како основа за решенија, оцени Унијата во реакцијата, воедно повикувајќи ја косовската Влада да ја преиспита својата одлука и за ова прашање да најде решение преку преговори во рамките на дијалогот што се води со посредство од ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан