• понеделник, 23 декември 2024

Стано: ЕУ го повторува повикот за кривично гонење на одговорните за Бањска

Стано: ЕУ го повторува повикот за кривично гонење на одговорните за Бањска

Брисел, 24 септември 2024 (МИА) - Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави денеска, една година од конфликтот во Бањска во кој загинаа тројца локални Срби и еден член на косовската полиција, дека ЕУ го повторува својот повик за брзо кривично гонење на сите одговорни и посочи дека судот мора да одлучи кој е виновен, а кој не е врз основа на доказите.

Стано рече дека ЕУ очекува сите одговорни да бидат изведени пред лицето на правдата, дека го поздравува првиот чекор во тој процес, односно поднесувањето обвиненија и дека сега е во тек судската постапка.

-Со нетрпение очекуваме да ја видиме пресудата. Гледаме и внимателно ја следиме постапката сега во судскиот процес во Косово, а потоа кога ќе ја имаме пресудата, дали некој е виновен или не, ќе реагираме соодветно, рече Стано.

Тој посочи дека ЕУ ги почитува неопходните судски процедури и дека судот мора да одлучи кој е виновен, а кој не врз основа на истрагата и достапните докази.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, исто така рече дека треба да се утврдат сите факти за нападот, а одговорните извршители да се изведат пред лицето на правдата.

Пред една година, на 24 септември 2023 година, во Бањска во судир меѓу локалните Срби и косовската полиција беа убиени тројца Срби - Стефан Недељковиќ, Бојан Мијаиловиќ и Игор Миленковиќ и припадникот на косовската полиција Африм Буњаку. сд/

Остани поврзан