• сабота, 23 ноември 2024

Стано: Во ЕУ нема место за оние што го доведуваат во прашање геноцидот во Сребреница 

Стано: Во ЕУ нема место за оние што го доведуваат во прашање геноцидот во Сребреница 

Брисел, 10 јули 2024 (МИА) - Ставот на ЕУ во однос на случувањата во Сребреница во 1995 година е јасен и повторуван секоја година дека во Унијата нема место за оние кои го доведуваат во прашање овој геноцид или ги величаат воените злосторници, порача денеска главниот портпарол на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.  

- Геноцидот во Сребреница е многу несреќен и трагичен историски факт и секоја година се сеќаваме на оваа трагедија на 11 јули, изјави Стано во одговор на новинарско прашање дали пораката од Брисел дека во ЕУ „нема место за оние кои го негираат геноцидот, се обидуваат да ја прекројат историјата и ги величаат воените злосторници“ е намената за „Србите, босанските Срби или некого друг“. 

Запрашан дали Србија би можела да се соочи со суспензија на преговарачкиот процес доколку го негира геноцидот, Стано одговори дека земјите опфатени со пристапниот процес секоја година се оценувани за своите постигнувања со т.н. Извештај за напредокот во кој се посочува што тие оствариле во исполнувањето на критериумите, принципите и вредностите на ЕУ.

- Ако некоја од нив е вклучена во активности кои се во спротивност со европските принципи, европските вредности и основните критериуми, тоа ќе се одрази во препораката на Европската комисија или во носењето одлука за следните чекори во пристапниот процес на таа земја или партнер, додаде Стано. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан