• понеделник, 23 декември 2024

Стано: Борел предлага прекин на политичкиот дијалог во рамки на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел  

Стано: Борел предлага прекин на политичкиот дијалог во рамки на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел  

Брисел, 14 ноември 2024 (МИА) - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел в понеделник на заседанието на Советот за надворешни работи (ГАК) ќе побара од шефовите на дипломатиите на земјите членки да го искажат своето мислење за неговиот предлог за прекин на политичкиот дијалог меѓу Унијата и Израел во рамки на Договорот за асоцијација, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.   

Стано потсети дека Борел на средбата на министрите за надворешни работи на земјите од Европската Унија минатиот месец во Луксембург, најави дека за време на претстојното заседание на ГАК ќе иницира разговор за тоа како членките на ЕУ гледаат на израелската операција во Газа и дали при тоа Израел ги крши човековите права и меѓународното хуманитарно право. 

- Како и што веќе најави минатиот месец, тој ќе побара од министрите на земјите членки да ја разгледаат можноста за понатамошни дејствија, одлуки или мерки од страна на ЕУ врз основа на советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата и усвоените резолуции на Генералното собрание на ОН и да разгледаат дали Израел ги прекршил човековите права и дали го почитува меѓународното хуманитарно право согласно членот 2 од Договорот за асоцијација (на ЕУ) со Израел, изјави Стано. 

Тој појасни дека предлогот на Борел „ќе биде ставен на маса“ пред министрите и тие на крајот ќе одлучуваат по него, потсетувајќи дека Договорот за асоцијација е институционална политичка рамка што ги регулира односите меѓу ЕУ и Израел. 

- За какви и да било одлуки во однос на политичкиот дел од овој Договор потребен е консензус на сите земји членки, така што високиот претставник во оваа фаза достави предлог до министрите за дискусија за можноста за суспендирање на политичкиот дијалог. Останува на министрите во текот на дискусијата да видат дали се согласуваат со тоа или не, додаде Стано. 

Портпаролот на ЕК нагласи дека предлогот на Борел не значи прекин на политичките разговори со Израел, туку на политичкиот дијалог, кој е дел од Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел со јасно дефинирани цели и задачи. 

Според Стано, досега во неколку наврати и некои земји членки на ЕУ го покренале прашањето за тоа дали Израел го крши меѓународното хуманитарно право, па министрите ќе треба врз основа на достапните индикации и докази да проценат дали тоа навистина е случај и да се изјаснат дали се согласуваат со предлогот на Борел за прекин на политичкиот дијалог во рамки на Договорат за асоцијација. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан