Српскиот репрезентативец Стевановиќ нов ракометар на Еурофарм Пелистер
- Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер ги засили своите редови за продолжението на сезоната во домашното првенство и настапите на меѓународната сцена ангажирајќи го денеска репрезентативецот на Србија, Дарко Стевановиќ.

Битола, 20 февруари 2023 (МИА) – Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер ги засили своите редови за продолжението на сезоната во домашното првенство и настапите на меѓународната сцена ангажирајќи го денеска репрезентативецот на Србија, Дарко Стевановиќ.
Како што соопшти попладнево битолскиот клуб, со 26-годишниот српски лев бек е потпишан договор со важност до јуни идната година.
Стевановиќ, кој доаѓа од редовите на белорускиот првак Мешков Брест, тренира индивидуално во Битола, а ќе им се приклучи на соиграчите по нивното враќање од Берлин каде утре Еурофарм Пелистер му гостува на Фуксе во натпревар од 9. Коло во групата Д во ЕХФ Лига Европа.
Официјалната промоција на Стевановиќ е закажана на крајот од оваа недела, а ќе дебитира следниот викенд на проволигашкиот натпревар против Еурофарм Пелистер 2.
Стевановиќ има пет настапи за репрезентацијата на Србија, а претходно во кариерата настапуваше за белградски Партизан, унгарските екипи Егер и Балатонфуреди, како и за Ал – Араби и Ал – Веда во Катар. ег/дма/