• среда, 25 декември 2024

Средба Османи – Кундурос: Скопје и Атина будно ја следат епидемијата, што поскоро отворање на границите

Средба Османи – Кундурос: Скопје и Атина будно ја следат епидемијата, што поскоро отворање на границите
Скопје, 31 март 2021 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денеска оствари средба со амбасадорот на Хеленската Република во Република Северна Македонија, Русос Кундурос. Во фокус на разговорите на двајцата соговорници биле актуелностите во земјава поврзани со тековните предизвици на пандемијата и предизвиците кои во таа насока се создаваат за протокот со соседна Грција, информираат од МНР. Османи ја истакнал важноста од засилување на проток на нашите превозници кон Грција, имајќи го предвид значењето на пристаништето во Солун за економијата на Северна Македонија. -И покрај отежнатите прилики предизвикани од пандемијата, министерот за надворешни работи Османи изрази надеж дека во заедничка комуникација и координација со Грција, ќе се изнајде решение кое ќе ги задоволи интересите и потребите на бизнис заедницата и граѓаните, длабоко почитувајќи ги мерките за заштита, информираат од МНР. Тој нагласил дека нашата држава ги следи здравствените протоколи на Светската здравствена организација, вклучително и заштитата на возачите камиони кои патуваат во Грција и до грчките надлежни институции апелира за соработка во насока на овозможување на непречена размена меѓу двете земји. -Скопје и Атина будно ја следат епидемиолошката ситуација во двете земји, како и проекцијата за процесот на имунизација кој се одвива паралелно во двете земји. Согласно епидемиолошката слика, беше изразена волја што поскоро да се создадат можности за отворање на границите пред почетокот на летото, истакнуваат од МНР. ир/ац/

Остани поврзан