• четврток, 19 март 2026

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Скопје, 18 март 2026 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Мириам Лексман, пратеничка во Европскиот парламент од Словачка, од групата на Европската Народна Партија.

Како што информира Кабинетот на Сиљановска-Давкова, се разговараше за европската интеграција на државата, при што претседателката истакна дека членството во Европска Унија останува наш стратешки приоритет и покрај блокадата на процесот.

Сиљановска-Давкова потенцираше дека пристапниот процес треба да е заснован на заслуги, на исполнување на Копенхашките критериуми, со почитување на темелните европски документи, без билатерални условувања. За неа, блокадата претставува сериозен проблем и опасен преседан што може да биде (зло)употребен и во други случаи, загрозувајќи го не само проширувањето, туку и безбедноста.

Потсетувајќи дека нашата држава е 100-процентно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, претседателката истакна дека во време на сложени геополитички предизвици, најдобар начин за зајакнување на отпорноста кон трети страни е интеграцијата на земјите од регионот на Западниот Балкан во Унијата.

За гостинката, ЕУ е природен политички дом на земјите од Западниот Балкан, со оглед на нивната географска, историска и културна припадност.

Соговорничките се согласија и ја потврдија важноста од натамошна соработка и ангажман на членките на ЕУ, вклучувајќи ја и Словачка, заради надминување на опструкцијата на македонското придружување кон ЕУ. мч/са/

фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова 

Остани поврзан