• понеделник, 23 декември 2024

Средба на претседателот Пендаровски со претставници од Сојузот на средношколци

Средба на претседателот Пендаровски со претставници од Сојузот на средношколци

Скопје, 8 јули 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија, кои информираа за досегашните и идни активности во рамки на иницијативата „Лидер(ка) на училиште, лидер(ка) во иднината“, која во соработка со Институтот за добро управување и евроатлантски политики е започната минатата година.

Претседателот, како што соопшти неговиот Кабинет, беше запознаен со заложбите на средношколците за реформирање и подобрување на ученичкото организирање. Средношколците информираа за финализацијата на предлогот-законско решение, со кое по првпат во државата ќе се регулира средношколското организирање, а преку кое се предвидува организирање на директни избори од страна на сите ученици во училиштето за нивниот претседател и формирање на совети на ученици.

Претседателот Пендаровски, изразувајќи поддршка за иницијативата за подобро средношколско организирање во државата, истакна дека тоа ќе придонесе кон процесите за создавање на млади лидери, неопходни за развој на демократијата како траен систем на уредување на општеството и политиката за сите генерации во иднина.

На средбата стана збор и за иницијативата на претседателот Пендаровски за вклучување на демократското политичко образование во нашиот формален образовен систем, која е промовирана преку Претседателскиот центар за политичко образование. дма/сп/

Остани поврзан