• сабота, 23 ноември 2024

Средба на претседателот на Собранието Гаши со јапонскиот амбасадор Казуја

Средба на претседателот на Собранието Гаши со јапонскиот амбасадор Казуја

Скопје, 18 јули 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со јапонскиот амбасадор Оцука Казуја, при што изрази благодарност за целокупната помош и поддршка од пријателска Јапонија.

-Високо се цени јапонската Иницијатива за соработка со Западен Балкан и поддржувањето за членство во Европската Унија, како битен фактор за стабилноста на Регионот. Годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји и во таа насока беше поздравена иницијативата на амбасадорот Казуја за достојно одбележување на јубилејот, преку низа културни активности, што влијае на приближувањето на граѓаните од двете држави, информираат од собраниската прес-служба.   

Врските помеѓу двата народа, се вели во соопштението, имаат подолга историја од самите меѓусебни политички релации кои датираат од 1994 година, со оглед на тоа што, како што се нагласува, Скопје се темели на архитектското решение на Јапонецот Кензо Танге, по земјотресот во 1963 година. И ден денеска, велат од Собранието, скопјаните се уште живеат со идеите и мислите на овој визионерски архитект.

За нашата земја од големо значење е соработката со земја како Јапонија, особено во полето на економијата, образованието и здравството, со проекти за техничка соработка, грантови и донации. Соговорниците се согласиле соработката да продолжи и понатаму и на парламентарно ниво, особено преку формирањето на пратеничките групи за соработка. сст/ац/

Фото: Собрание на РСМ 

 

Остани поврзан