• среда, 25 декември 2024

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со ректорите на државните универзитети

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со ректорите на државните универзитети

Скопје, 13 мај 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,  „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.

На средбата, како што соопшти кабинетот на претседателката, на која присуствувале ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, ректорот проф. д-р Јусуф Зејнели, ректорот проф. д-р Дејан Мираковски, проректорот проф. д-р Јове Талевски и проректорот проф. д-р Беким Фетаји, биле упатени честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова и биле изразени очекувања за успешна соработка.

Како што е неведено во соопштението, соговорниците размениле мислење за тековните реформи во високото образование со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди.

Претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде наш врвен приоритет.

На средбата Сиљановска Давкова посочила на потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата Еразмус+ на Европската Комисија.

-Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката ја посочи нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе, промовирање на културната разновидност, поттикнување на иновациите и подобрување на технолошките вештини кај младите, се наведува во соопштението. дма/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Остани поврзан