• сабота, 23 ноември 2024

Средба на Сиљановска Давкова со италијанскиот амбасадор Силвестри

Средба на Сиљановска Давкова со италијанскиот амбасадор Силвестри

Скопје, 14 април 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се сретна со амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри кој и честитал на Сиљановска-Давкова и и посакал успешно извршување на претседателската функција.

-Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека двете земји имаат традиционално пријателски односи и изрази силна подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на севкупните билатерални односи со Италијанската Република, преку засилување на постоечките и изнаоѓање на нови можности за соработка, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката.

На средбата биле разменети мислења за текот и натамошните чекори во однос на евроинтеграциите на земјава, при што претседателката истакнала дека ќе се залага за широк општествен консензус во однос на прилагодување на македонското со европското законодавство, со цел доследно исполнување на реформските процеси и зголемување на кредибилитетот на процесот на проширување на Европската Унија.

Претседателката изразила благодарност за досегашната улога и пристап на Италијанската Република во поддршката за целиот регион во врска со процесот на европските интеграции и укажала на позитивниот однос на официјален Рим при надминување на споровите со своите соседи при приемот на нови членки во Унијата.

Сиљановска Давкова изразила надеж дека Италијанската Република и во иднина принципиелно ќе ја поддржува земјава во мериторниот процес на исполнување на европските критериуми со цел забрзана интеграција на земјава во ЕУ, што, како што нагласила, претставува заеднички интерес за поширокиот регион. сст/бак/

Фото: Кабинет на претседателот

 

Остани поврзан