Средба на Европскиот сојуз за промени со евроамбасадорот Гир
- На оваа средба, ја потврдивме нашата определба за нашиот пат кон Европската Унија и го информиравме за сите наши заложби во оваа насока, се наведува во денешното соопштение.
Скопје, 20 ноември 2023 (МИА) - Лидерите на Европскиот сојуз за промени денеска оствариле средба со евроамбасадорот Дејвид Гир. На средбата, ја потврдивме нашата определба за нашиот пат кон Европската Унија и го информиравме за сите наши заложби во оваа насока, се наведува во соопштението од Беса.
- Меѓу другото, разговаравме и за актуелните случувања во земјата, за пречките и предизвиците што ја оддалечуваат земјата од интегративните процеси, слично како и наодите на Европската комисија, за неможноста на оваа Влада да постигне напредок, кои се подеднакво вознемирувачки за нас како опозиција и за граѓаните на нашата држава. Впрочем, ваквиот извештај ја запечатува потребата на нашата соработка, давајќи ѝ појасно значење и насока на оваа коалиција, за заштита на стратешкиот интерес на земјата, што е во застој поради оваа делегитимирана и корумпирана власт, пишува во соопштението.
Евроамбасадорот бил информиран и за нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија (ДИК).
- Го потенциравме фактот дека отсуството на член на албанската опозиција во ДИК е спротивно на европските вредности и стандарди, бидејќи таквата постапка ни овозможува да сфатиме дека изборниот процес има тенденција да се манипулира и може да биде нерегуларен и недемократски. Доколку се узурпира ова право на албанската опозиција, тогаш граѓаните и меѓународниот фактор треба сериозно да бидат загрижени за транспарентноста и објективноста на овој процес. Затоа, ги повикуваме сите, без исклучок, согласно своите надлежности, да се заложат и да обезбедуваат претставник за албанската опозиција во ДИК, се додава во соопштението.
Тие го информирале евроамбасадорот и за целите на Европскиот сојуз за промени, поточно за плановите за следниот период. Се истакнало оти ќе се залагаат за демократски изборен процес, за проширување на коалицијата со другите субјекти, за зачувување на европскиот дух, но и за зачувување на општата стабилност. бд/аа/
Фото: Соопштение