• недела, 28 јули 2024

Средба на ДЛУМ, ДПМ и СОКОМ: Сите институции во културата ги делат истите проблеми, државата да вложи во нивната одржливост

Средба на ДЛУМ, ДПМ и СОКОМ: Сите институции во културата ги делат истите проблеми, државата да вложи во нивната одржливост
Скопје, 22 јуни 2022 (МИА) - Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) денеска одржаа работна средба на која разговараа за нивните организациски и финасиски проблеми. На средбата присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Претседател на ДПМ, Христо Петрески на средбата посочи дека порано во ова Друштво имало четворица вработени а сега нема ниту еден. Тоа, како што рече, мора да се промени. -На времето во ДПМ имаше четири вработени лица. Сега нема ни еден, финансиран од Министерство за култура. Нас автоматски со ова ни се сечат крилјата. Се согласувам дека беа премногу, но не може да нема ниеден, затоа што Друштвото на тој начин е затворено. Ние сме волонтери, јас таму не земам надоместок ниту сакам да земам, но таму мора да има барем еден вработен човек. Да биде Друштвото отворено. Петрески посочи дека ќе е добро доколку постои барем еден вработен и ако располагаат со барем милион денари за покривање на основните трошоци. - За минатата година ние имаме 100 илјади денари од Министерството за културни активности. Тоа е мал износ за година дена. Со овие пари не може да се води, не ДПМ  каде што има безмалку 300 члена, и каде што навистина има активности, меѓународни, државни манифестации, награди, соработка.. Јас не барам огромни пари, но потребни ни се за да ги покриеме основните трошоци, струја, вода, греење, но и за реновирање на Друштвото, рече Петрески. Тој порача дека е потребно Друштвото на писателите да биде она што било. Ако не може повеќе, потенцира, барем да не му се одземе од дигнитетот и од квалитетот што го имал 75 години. -Ние имаме многу слични проблеми. Уметноста е една и неделива, нема бариери, сеедно дали станува збор за музика, сликарство, филм, театар или пак литература. Но, ние како Здружение кое постои 75 години.ДПМ за мене е света институција. Зарем ние сега треба нешто да намалиме во неговиот углед. Но, се соочуваме со големи проблеми, додаде Петрески. Претседател на собранието на СОКОМ, Јане Коџабашија на средбата побара да не се намалуваат нивните програми, бидејќи како што рече, од година во година се помалку гости им доаѓаат на манифестациите. - Програмите се намалуваат од година во година. Ние сме во ситуација кога можеме да пабараме помош само околу програмите. Тие да не се намалуваат. Нашите меѓународни манифестации станаа само наши. Веќе немаме ниту едно лице од надвор да чуеме што се случува. Тука се потребни средства. Ако бидеме доволно убедливи со аргуметни, мислам дека општеството ќе сфати и ќе нема потреба да размислуваме дали сме од корист, додаде Коџабашија. Како што напомена, сите институции кои се занимаваат со културата ги делат истите проблеми. Според претседателката на ДЛУМ, Јана Манева -Чупоска, културната меморија од 75 години е доволен аргумент да ова Друштво конечно влезе под капата на Мнистерството за културата. Таа напомена дека овој предлог е заради тоа што ДЛУМ се наоѓа во крајно неповолна ситуација. -ДЛУМ е сираче веќе одамна. Ние сме прибрани во Домот на АРМ. Си плаќаме редовно кририја, но гледате и вие дека ова не е соодветно место за сериозно друштво со толкав културен багаж. Државата мора да има „сенс“ за овој проблем, затоа што ДЛУМ мора да постои и ова е последен воз да упатиме сериозен апел до општеството дека ДЛУМ е пред затворање, додаде Манева -Чупоска на денешната средба. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната средба се согласи дека државата треба да вложи во одржливоста на уметноста, на македонската музика и македонските автори. Во однос на барањето на Манева -Чупоска дека на ДЛУМ е потребен соодветен простор за работа, министерката посочи дека се надева оти ќе се изнајде репрезентативен простор, бидејќи Домот на АРМ не е добро решение. -Се согласувам дека ви треба простор да се функционира и ќе се најде решение. Не е Домот на АРМ решение, тука е Сојузот на борци, тука е не само за историјата што ја носите, сметам дека на трите столба им треба протор. Во овој момент, се надевам дека ќе имаме можност да најдеме барем по еден репрезентивен простор кој ќе нема потреба да ве згалавува во долгови, рече министерката.бт/са/

Тагови

Остани поврзан