• вторник, 24 декември 2024

Средба на вицепремиерот и министер Стоилковиќ со австрискиот амбасадор Памер

Средба на вицепремиерот и министер Стоилковиќ со австрискиот амбасадор Памер

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ денеска оствари средба со делегација од Амбасадата на Република Австрија во Скопје, предводена од амбасадорот Мартин Памер. 

На средбата, како што соопштија од Кабинетот на Стоилковиќ, биле разменети мислења за актуелните политички и економски прашања во двете земји, со фокус на односите меѓу етничките заедници кои живеат во земјата. Стоилковиќ и Памер изразиле уверување дека пријателските односи меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат и во иднина.

Вицепремиерот и министер Стоилковиќ меѓу другото го запознал амбасадорот Памер и со функционирањето на Министерството за односи меѓу заедниците, како и фактот дека истото треба да прерасне во институција која ќе работи во корист на сите етнички заедници во земјава, но и со проектите на кои работи како заменик-претседател во Владата на РС Македонија.

- Во таа насока, тема на разговор беа и можностите за проширување на економската соработка меѓу двете земји, а двајцата соговорници се согласија дека економијата не е само предизвик, туку и една од најважните точки и клучна за напредок. Акцент беше ставен и на подобрувањето на економската размена меѓу двете земји и подигнување на нејзиното ниво, се вели во соопштението.

Двајцата соговорници се согласиле дека соработката меѓу двете земји е од исклучително значење, а особено клучна е поддршката што земјава ја добива од Австрија кога станува збор за реформските процеси поврзани со евроинтеграциите, кои, како што било нагласено, мора да останат на агендата и во иднина. цр/бак/

Фото:  Кабинет на потпретседател на Владата на РСМ и министер за односи меѓу заедниците

Остани поврзан