Средба Минчев - Чучуљ, тема јакнење на интегритетот во јавната администрација
- Министерот за јавна администрација, Горан Минчев оствари работна средба со претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, на која се разговараше за унапредување на меѓуинституционалната соработка во насока на јакнење на интегритетот во јавната администрација.
Скопје, 9 март 2026 (МИА) - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев оствари работна средба со претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, на која се разговараше за унапредување на меѓуинституционалната соработка во насока на јакнење на интегритетот во јавната администрација.
Како што информираат од МЈА, фокус на средбата бил ставен на развој и спроведување на едукативни активности и обуки за јавните службеници, насочени кон зајакнување на интегритетот и професионалното постапување во институциите.
-Целта на овие активности е унапредување на превентивните механизми, како и намалување и спречување на корупцијата во јавната администрација преку подигнување на свеста, знаењето и одговорноста на јавните службеници, велат од МЈА.
На средбата била истакната заедничката заложба за продлабочување на соработката меѓу двете институции, која во наредниот период ќе биде дополнително формализирана преку потпишување на меморандум за соработка.
Министерството за јавна администрација, велат оттаму, останува посветено на унапредување на професионалноста, транспарентноста и интегритетот во јавниот сектор, преку координирани активности, обуки и иницијативи кои придонесуваат за поефикасна, отчетна, одговорна и модерна јавна администрација. сст/вј/
Фото МИА архива