• петок, 26 јули 2024

Средба Дурмиши-Хајдари: Преку креирање на заеднички економски политики и меѓусебна соработка ќе се подобри конкурентноста на регионот

Средба Дурмиши-Хајдари: Преку креирање на заеднички економски политики и меѓусебна соработка ќе се подобри конкурентноста на регионот

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во рамките на официјалната посета на Приштина, Република Косово денеска оствари средба со министерката за индустрија, претриемништво и трговија Розета Хајдари. Главна тема на средбата помеѓу двајцата министри беше продлабочување на соработката помеѓу двете земји.

Како што информираат од Министерството за економија и труд министерот Дурмиши истакна дека фокусот на оваа институција сега ќе биде креирање на конкретни мерки и политики за зголемување на конкурентноста на домашните компании не само на македонскиот пазар, туку и во регионот.

-Министерот на средбата потенцираше дека унапредувањето на регионалната соработка е врвен приоритет на Владата, со главна цел подобрување на животниот стандард на граѓаните во Северна Македонија и во регионот. Од исклучителна важност за земјите од Западен Балкан, како што потенцираше министерот е да се креираат заеднички мерки се со цел подобрување на деловната клима и конкурентноста на заедничкиот европски пазар, велат од Министерството за економија и труд.

Министерот Дурмиши на состанокот со министерката Хајдари забележал дека преку „Берлинскиот процес“, во кој учествуваат земјите од Западен Балкан направени се сериозни чекори со кои се унапредува дијалогот помеѓу Владите, но и претставниците на бизнис заедницата. 

Според него, започнати се реформите со кои сите земји од Западен Балкан ќе се доближат до членството во Европската Унија.

Како што нагласуваат од Министерството, Косово е значаен трговски партнер на Република Северна Македонија. По обемот на трговска размена, Косово е секогаш во првите дваесет најголеми трговски партнери, со кои Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена, додека во извозот е секогаш во првите пет најголеми трговски партнери.

Двајцата министери на средбата заклучиле дека економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово, како две соседни и пријателски земји, има сериозен потенцијал да се продлабочува уште повеќе. сст/ев/

фото Министерство за економија и труд 

 

 

 

 

 

Остани поврзан