• среда, 25 декември 2024

Средба Гаши - Рокас: Продолжување со реформите и исполнување на домашните задачи за исполнување на критериумите за членство во ЕУ

Средба Гаши - Рокас: Продолжување со реформите и исполнување на домашните задачи за исполнување на критериумите за членство во ЕУ

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска се сретна со новоименуваниот евроамбасадор, Михаилис Рокас. Гаши, како што соопшти неговиот Кабинет, му посакал добредојде на евроамбасадорот Рокас, изразувајќи уверување за заеднички придонес во понатамошниот процес за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.

На средбата претседателот на Собранието Гаши и амбасадорот Рокас изразиле очекување институциите на ЕУ, по изборите за Европскиот парламент што се одржаа во јуни годинава, да ја задржат позитивната нота во однос на проширувањето со земјите од Западен Балкан.

-Соговорниците се осврнаа и на потребата од продолжување со реформите и исполнување на домашните задачи, со цел исполнување на критериумите за членство, посебно во клучните области, се наведува во соопштението.

Гаши истакнал дека Собранието е силно посветено на спроведување на реформите, особено во делот на усогласувањето со европското законодавство и јакнењето на надзорната улога. Тој изразил подготвеност и за зајакнување и внесување нова динамика во соработката и комуникацијата меѓу Собранието и Европскиот парламент, притоа нагласувајќи ја важноста на „Жан Моне“ процесот од кој досега произлегоа два битни документи за законодавната власт во земјава – Етичкиот кодекс и новиот Деловник.

На средбата биле разменети мислења и за потребата од јакнење на политичкиот дијалог во земјава, со оглед на заедничката цел за евроинтеграција, како стратешка определба на земјата.

Амбасадорот Рокас истакна дека неговата цел е да и помогне на земјава да направи видливи чекори во оваа фаза од процесот на интеграција во ЕУ, се посочува во соопштението. Тој го истакнал и значењето на Планот за раст за Западен Балкан, нагласувајќи дека тоа е можност за јакнење на капацитетите за членство во ЕУ на земјите од регионот. ев/ац/

ФОТО: Собрание на РСМ 

 

Остани поврзан