• среда, 25 декември 2024

Средба Адеми - Пич за соработката меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство

Средба Адеми - Пич за соработката меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбер Адеми денеска имал средба со специјалниот претставник на премиерот на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стујарт Пич, кој престојува во нашата држава по повод учеството на конференцијата „Меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан“.

Како што соопшти Собранието на Република Северна Македонија, на средбата се разговарало за развојот на билатерални односи меѓу двете држави и можностите за унапредување на соработката за темите од заеднички интерес.

-Претседателот на Комисијата Адеми ја истакна важноста што нашата држава ја придава на досегашната британска поддршка во повеќе области и форми и изрази очекување таа да продолжи во иднина. Тој нагласи дека и по излегувањето од ЕУ, Обединетото Кралство продолжува да ги поддржува напорите за европска интеграција на земјите од регионот, со силна проектна и финансиска помош и преку поддршката на Берлинскиот процес, се наведува во соопштението. 

Специјалниот претставник на британскиот премиер, Пич, информира прес-службата на Собранието, се заблагодарил за придонесот што Република Северна Македонија го дава како членка на НАТО, посочувајќи дека Западен Балкан има клучна улога во однос на стратешките политики на континентот и во рамки на ЕУ.

Двајцата соговорници размениле мислења и за актуелните состојби во регионот и пошироко. хс/са/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан