Спречен пожар од поголеми размери помеѓу селата Стар Истевник и Панчарево
- Спречен пожар од поголеми размери помеѓу делчевски Стар Истевник и пехчевското село Панчарево.

Делчево, 25 јули 2022 (МИА) - Спречен пожар од поголеми размери помеѓу делчевски Стар Истевник и пехчевското село Панчарево.
Пожарот е локализиран, а интервенцијата, како што информираше пожарникарот Јонче Атанасовски се одвивала по непристапен терен, во густа борова шума.

-Во пожарот опфатена е површина од еден хектар. Првично е интервенирано со три пожарникари, еден доброволец од ДПД ,,Волонтер" од Делчево и едно лице од месното население. Потоа се приклучија и пет лица од пехчевското доброволно друштво и од комуналното претпријатие, рече Атанасовски.
Пожарот, како што додаде делчевскиот пожарникар, целосно е локализиран вечерва, околу 19 часот.
Во Делчевско во изминатите шест дена делчевските пожарникари интервенираа на три пожари во шумски предели и еден во станбен објект. Најмногу штета предизвика пожарот кај месноста Енѓовски колиби помеѓу Тработивиште и Разловци, во кој изгоре дабова и борова шума од околу 50 хектари. вс/вг/