• сабота, 23 ноември 2024

Спортски игри на штипското училиште ,,Димитар Влахов" за набавка на асистивна технологија

Спортски игри на штипското училиште ,,Димитар Влахов

Штип, 10 Ноември 2023 (МИА) - Спортски игри под мотото „Со малку поддршка можам и ЈАС“ денеска организираше Општинското основно училиште (ООУ) „Димитар Влахов“ во Штип.  

Директорката Невенка Величкова вели дека станува збор за „фандрејзинг настан“, кој е наменет за прибирање парични средства за набавка на асистивна технологија за работа со деца со посебни образовни потреби и опремување катче каде ќе се користи таа.

На настанот учествуваа ученици од различни возрасти и одделенија, а во соработка со Извидничкиот одред „Еквинокс“ имаше и организирана активност во која децата можеа да ги испробаат своите вештини во стрелаштво по симболична цена со детски сет на стрели.

- Ние, всушност се обидовме заедно со наставниците и со учениците да учествуваме и да организираме едни спортски активности кои ќе придонесат за остварување на нашата цел, а тоа е купување на асистивна технологија за децата со посебни образовни потреби и создавање, креирање, уредување на една просторија каде ќе се користи таа технологија од страна на учениците и наставниците. Ние како училиште би сакале да одговориме на потребите на овие ученици, да создадеме услови каде што тие ќе се чувствуваат поубаво, покомфорно и ќе бидат дел од нас, односно дел од образовниот систем во државата, вели Величкова.

Асистивната технологија ќе помогне учениците со посебни образовни потреби да можат полесно да ги извршуваат училишните обврски и да работат на училишните задачи, вели дефектологот Благица Данев. Целта е создавање поинклузивна средина за сите ученици.

- Ние ќе набавиме компјутер, монитор на допир, специјални тастатури, контролери, издвоени кликови и „тракбол“. Во образованието на лицата со посебни образовни потреби оваа асистивна технологија ќе помогне така што одредени категории на лица, како што се лица со церебрална парализа, аутизам, АДХД, оштетен или намален вид, ќе можат полесно да ги извршуваат училишните задачи, вели Данев. вдј/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан