• четврток, 07 ноември 2024

Спортинг потврди за интересот на Манчестер Јунајтед за Аморим, од „Олд Трафорд“ ќе платат 10 милиони евра

Спортинг потврди за интересот на Манчестер Јунајтед за Аморим, од „Олд Трафорд“ ќе платат 10 милиони евра

Лисабон, 29 октомври 2024 (МИА) - Спортинг Лисабон официјално потврди дека Манчестер Јунајтед ја пренел својата намера да ја плати ослободителната клаузула во договорот на стручњакот, која е вредна 10 милиони евра. Како што стои во соопштението, одлуката останува во рацете на самиот Аморим, но според повеќето извори таа е веќе донесена бидејќи 39-годишниот Португалец договорил се со 20-кратниот шампион на Англија.

Разговорите започнаа веднаш откако Јунајтед вчера објави дека Ерик тен Хаг е отпуштен. После тоа се се разви со опасна брзина, а сега доаѓа и официјална потврда од Спортинг. Според информациите во Англија, раководството на „црвените ѓаволи“ ќе направи се за Аморим да го предводи тимот на неделното дерби со Челси. Тоа значи дека Руд ван Нистелрој, кој вчера беше најавен за привремен менаџер, најверојатно ќе биде на чело на тимот само на утрешниот 1/8-финален натпревар од Карабао купот против Лестер.

-Манчестер Јунајтед изрази интерес да го назначи тренерот Рубен Аморим. Управниот одбор на Спортинг се повика на условите предвидени во договорот за вработување меѓу тренерот и компанијата, а особено клаузулата за раскин на договорот во износ од 10 милиони евра. Манчестер Јунајтед изрази намера да ја плати сумата според споменатата клаузула, стои во официјалното соопштение на Спортинг.

Според новинарот Флоријан Плетенберг, последните детали ќе бидат финализирани по вечерашниот меч на Спортинг со Национал во Лига купот на Португалија. Ова воедно ќе биде последен меч на кој Аморим ќе ги предводи „лавовите“. дс

Фото: Архива

Остани поврзан