• сабота, 31 август 2024

Специјалниот британски пратеник за Западен Балкан, Стјуарт Пич во посета на земјава

Специјалниот британски пратеник за Западен Балкан, Стјуарт Пич во посета на земјава

Скопје, 6 март 2023 (МИА) - Специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич од денеска до среда престојува во посета на Северна Македонија, соопшти Британската амбасада во Скопје. 

За време на престојот во Скопје, Пич ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Како што се наведува во соопштението, планирани се средби и со клучни соговорници и граѓански организации, а за време на престојот Пич ќе посети и локални културни знаменитости.

Целта на посетата е да се потврди силната посветеност на Обединетото Кралство за евроатлантската интеграција на Северна Македонија, да се даде поддршка на реформите и да се зајакне стабилноста и безбедноста во регионот на Западен Балкан, наведуваат од Британската амбасада.

Во соопштението се додава дека оваа година Обединетото Кралство и Северна Македонија слават 30 години од воспоставувањето на билатералните односи.

- Обединетото Кралство останува близок партнер на Северна Македонија и силен сојузник во НАТО, нагласува Британската амбасада. ац/сп/

Фото: Британска Амбасада во Северна Македонија  

Остани поврзан