• недела, 22 декември 2024

Спасувачката служба „Осогово“ - Кочани потпиша меморандум за соработка со бугарските колеги од Ќустендил

Спасувачката служба „Осогово“ - Кочани потпиша меморандум за соработка со бугарските колеги од Ќустендил

Кочани, 4 февруари 2023 (МИА) – Членовите на Доброволната планинска спасувачка служба „Осогово“ од Кочани денеска потпишаа договор за соработка со своите колеги од Планинската спасителна служба од Ќустендил, кои дејствуваат во регионот на Осоговските Планини од бугарска страна.

На потпишувањето што се одржа во просторите на Инфоцентарот на Пониква, беше нагласено дека писмениот документ е појдовна основа за заедничко делување на двете служби, при што се отвораат можности за заеднички обуки, опремување и обезбедување на теренот на Осоговијата.

– Нашата Доброволна планинска спасувачка служба во моментот брои 35 волонтери, од кои активни се околу половина од нив и тие секој викенд се дежурни на Пониква и околината. Веќе потпишавме меморандуми за соработка со сите градоначалници од општините во осоговскиот регион, а договорот со колегите од Ќустендил е наша прва меѓународна активност. Тој ќе биде важен чекор за прекугранична соработка и за аплицирање со заеднички проекти за развој на двете служби, истакна Гоце Исајов, претседател на ДПСС „Осогово“ – Кочани.

На потпишувањето на договорот за соработка присуствуваа и претставници од македонскиот Национален сојуз за планинско спасување, кои ги претставија заложбите за развој на планинските спасителски служби и прекуграничната соработка со соседните земји.

- Во моментот нашиот сојуз го сочинуваат 12 спасителски организации, со специјализирани тимови од различни специјалности како алпинистички, спелеолошки, оддел за спасување и потрага со кучиња и слично. Имаме околу 250 волонтери, а нашето функционирање и финансиската поддршка е преку проектни грантови, бидејќи сè уште недостасува законска регулатива во државата за планинските спасителски служби, истакна Антонио Додевски, претседател на Националниот сојуз за планинско спасување.

Доброволната планинска спасувачка служба „Осогово“ беше формирана пред околу една година, располага со свои простории на Пониква, повиците ги прима преку единствениот телефонски број 112 и веќе имаше неколку интервенции за помош на лица кои престојуваат на планина. та/ир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан