• недела, 28 јули 2024

Спасовски: Не е време за политичко профитерство на сметка на здравјето на граѓаните

Спасовски: Не е време за политичко профитерство на сметка на здравјето на граѓаните
Скопје, 15 март 2020 (МИА) - Не e време за политички профитерства или за профитирање во економијата, ниту, пак, во новинарството, порача премиерот Оливер Спасовски во вечерашното он лајн интервју. - Ако на грбот на здравјето на граѓаните и на оваа ситуација се обиде некој од политичките лидери да добива поени, треба да знае дека најмногу ќе изгуби. Ако на некој лидер сега поважни му се политичките поени од животот и здравјето на граѓаните тоа е за секаква осуда. Апелирам сите да застанеме задно зад она што ни се случува, кажа Спасовски. Вели дека многу членови на опозициските партии се одговорни и ги поддржуваат мерките и за тоа им благодари, но некои од водствата на опозицијата кажуваат декларативно дека ги поддржуваат, а потоа велат дека има несоодветно постапување. -Не постојат партиски болници и партиски вирус, тој ги зафаќа сите луѓе. Апелирам политичките субјекти да се вразумат, а тоа значи да се почитуваат препораките и институциите и да покажеме дека здравјето и животот на луѓето е поважно од каква било политичка одлука и политичка цел, истакна Спасовски. Потсети дека телефонски разговарал со политичките лидери и се договориле партиските активности да бидат во мораториум до 22 март. -Тоа треба да се испочитува. Нивната порака треба да е порака на одговорност кон државата и граѓаните. Секој аспект на оваа криза треба да се цени и од аспект на тоа треба да се носат одлуки и за изборите и за се друго што ќе следува, изјави Спасовски. Повика и на одговорно и професионално медиумско известување во сегашната кризна ситуација со коронавирусот, а граѓаните да се информираат од официјални извори и преку институциите.са/

Остани поврзан