• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски: Ако побаравте преодна влада за да правите хаос, ниту смее, ниту треба да ви се дозволи тоа

Спасовски: Ако побаравте преодна влада за да правите хаос, ниту смее, ниту треба да ви се дозволи тоа
Скопје, 14 февраури 2020 (МИА) - Несериозно е со Уставот да се играат играчки - кога некому му одговара, да го почитува, а кога треба да добие партиски интерес да го погазува. Ги повикувам членовите од преодната Влада со интегритет да ја извршуваат функцијата, да ги почитуваат законите и да го дадат својот максимален придонес во овие исклучително важни моменти за земјата, рече вечерва техничкиот премиер Оливер Спасовски, образложивајќи го Предлогот за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. Спасовски изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже демократски капацитет и ќе предложи нов кандидат за министер. -Побарав Мизрахи да биде разрешена по серијата нејзини настапи на кои грубо ги прекрши законите кои го уредуваат уставното име на земјата. Во Владата не го корегираше ова свое однесување. Секој треба да ги почитува Уставот и законите, а институциите мора да функционираат беспрекорно, нагласи премиерот. Нашата држава, потенцира, е во многу значаен период кога треба да се организираат фер, демократски избори и да се завршат активностите за членство во ЕУ и НАТО. Затоа, да направиме сé за да дадеме што повеќе позитивни аргументи за да добиеме датум за почеток на преговорите. -Сега е моментот да дадаме максимум за добро на граѓаните и државата, да ги оставиме настрана партиските и личните интереси. Владата мора да овозможи континуитет на институциите, владење на правото. Имаме историска одговорност за организирање избори какви што доликуваат на европска демократија. Апелирам до опзоцијата - одговорноста за спроведување беспрекорни избори е и Ваша, не само на парламентарното мнозинство. Вие побаравте, а мнозинството прифати да се формира преодна влада, а ако побаравте преодна влада за да правите хаос, ниту смее, ниту треба да ви се дозволи тоа. СДСМ и коалицијата покажаа како се организираат избори и како демократски се управува со државата. Сега е време ВМРО-ДПМНЕ да се одважи и охрабри, да ги прифати и спроведува демократските стандарди, времето на флоскули и калкулантство треба да заврши, порача Спасовски. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски побара од Спасовски да си поднесе барање за сопствено разрешување зашто во образложението го користеше името Република македонија, што исто така, како што укажа Мицевски, е противуставно. -Изгледа потсвеста многу работи, па сакајќи или не го употребувате името Република Македонија. Очекувам дека ќе поднесете барање за Ваше разрешување, да бидете принципиелни, да покажете дека немате двојни аршини, рече Мицевски. Пред пратениците во моментов се обраќа министерката Мизрахи. мч/мд/

Остани поврзан