• среда, 25 декември 2024

Спасовски: Се преземаат интензивни мерки за говорот на омраза

Спасовски: Се преземаат интензивни мерки за говорот на омраза
Скопје, 29 јуни 2022 (МИА) - МВР презема интензивни мерки во однос на говорот на омраза и тоа е ставено високо на агендата, посебно делот на спроведувањето на Стратегијата за сајбер безбедност и голем дел од граѓаните и препознаваат и пријавуваат, посебно ранливите категории на граѓани, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на пратеничко прашање на Маја Морачанин од ДОМ, со посебен фокус на говорот на омраз искажан кон лица од ЛГБТ заедницата. Спасовски рече дека во периодот јануари - мај оваа година за делата ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерскиот систем има осум кривични дела и осум сторители, додека во истиот период во 2021 за говор на омраза имало 14 кривични дела и 13 сторители. -Имаме едно кривично дело загрозување на сигурноста по електронски пат, едно кривично дело и еден сторител, додека во 2021 имало две вакви кривични дела. Предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на верска, национална, расна и друга дискриминаторкска основа лани сме имале едно кривично дело и еден сторител додека оваа година немаме, рече Спасовски. Министерот вели дека мора да се признае дека за припадниците на ЛГБТ заедницата има малку повеќе говор на омраза и закани кон нив, а регистрирано е дури и едно кривично дело лихварство за што станало збор на средба на која биле Спасовски и Морачанин. Од јануари 2020 година до мај 2022 на подрачјето на СВР Скопје и во СВР Тетово регистрирани се осум настани поврзани со ЛГБТ заедницата, четири од овие настани се целосно расчистени. -Поднесени се три кривични пријави и едно известување до ОЈО, рече Спасовски додавајќи дека во овие настани се пријавени пет лица, од кои две за насилство, а едно за уцена и едно за лихварство. Министерот исто така додаде дека има регистрирано еден настан за загрозување на сигурноста во Тетово и случајот е расчистен. -Има постапување по уште четири случаи за кои се прибираат дополнителни докази. Ова е фактичката состојба во однос на постапувањето. Сите заедно мора сите да придонесеме да ја сузбиеме оваа состојба, пред се во делот на јавноста и јавната свест, додавајќи дека тоа говорот на омраза е најчест на социјалните медиуми. ев/са/        

Остани поврзан