• недела, 24 ноември 2024

Спасовски: Одлична соработка на МВР и СЕЛЕК, реализирани бројни заплени на кокаин и прекурсори

Спасовски: Одлична соработка на МВР и СЕЛЕК, реализирани бројни заплени на кокаин и прекурсори

Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работната посета на Букурешт, Република Романија, денеска оствари билатерална средба со Генералниот директор на Центарот за спроведување на Законот во Југоисточна Европа (СЕЛЕК), Огуз Серкан Акин. Притоа, тој истакна дека повторната средба со директорот Серкан-Акин, претставува уште една можност да се потврди добрата соработка.

-Ми претставува  особено задоволство што повторно имам можност да се сретнам со вас и вашиот тим  и уште еднаш да ја потврдам соработката помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Центарот за спроведување на Законот во Југоисточна Европа (СЕЛЕК), која бележи тенденција на интензивирање во делот на оперативната соработка, како и во согласност со активностите што ги презема Министерството, во борбата против организираниот прекуграничен криминал, рече министерот Спасовски.

Тој нагласи дека во изминатиот период беа координирани повеќе заеднички истраги преку СЕЛЕК, започнати на иницијатива на македонската полиција, како и на полициските служби од другите држави.

-Во рамки на овие оперативни состаноци Република Северна Македонија остварува соработка со соседните земји како Бугарија, Албанија, Србија и Грција.  Истовремено, благодарение на СЕЛЕК, на офицерите за врска и националните контакт точки воспоставена е одлична комуникација со органите што го спроведуваат законот од земјите членки на СЕЛЕК. Така, во првите 6 месеци од 2023 година нашите оперативни активности беа забележани од останатите партнери и беа оценети на високо ниво. Во споменатиот период од наша страна со останатите земји членки на СЕЛЕК и другите партнери разменети се повеќе од 2000 оперативни информации. Најголем дел од разменетите оперативни информации се од областа на недозволената трговија со дрога, како и на илегалната миграција и трговија со луѓе, финансискиот криминал, компјутерскиот криминал, потрагите по лица и други. Одржани се 8 оперативни состаноци, отворени се 10 заеднички истраги, од кои реализирани се 4, а останатите се во процес на реализација, информираше министерот Спасовски.

Во текот на средбата, тој сподели неколку позначајни заеднички истраги реализирани во текот на оваа година.

-Меѓу позначајните би ги спомнал истрагата од областа на недозволената трговија со дрога во која преку СЕЛЕК е остварена размена на податоци  за недозволена трговија и транспорт на големи количини кокаин во Република Албанија, организирана од страна на криминална група составена од македонски државјани за што беше формиран заеднички истражен тим, помеѓу нашето Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Специјалното јавно обвинителство и Одделот за организиран криминал на Албанија, при што беа спроведени координирани полициски активности и извршени беа претреси на повеќе локации на подрачјето на Скопје и Прилеп, а од слобода беа лишени  четири лица (три од Скопје и едно од Прилеп) против кои беше поднесена кривична пријава. Би јас спомнал и истрагата PANDORA MAERSK, кога како резултат на заедничката соработка меѓу Република Северна Македонија и Грција, а врз основа на разузнавачки податоци споделени преку каналот СЕЛЕК, во месец јуни 2023 година на пристаништето во Солун, Грција, беше реализирана заплена на 161 килограми кокаин, истакна министерот Спасовски.

Генералниот директор на СЕЛЕК центарот Огуз Серкан Акин истакна дека секогаш на взаемно задоволство се среќава со министерот Спасовски упатувајќи благодарност за поддршката која изминатиот период резултираше со низа успешно реализирани заеднички истраги.

Потврда за нашата работа и посветеност во борбата против организираниот прекуграничен криминал претставуваат и добиените награди.

Имено заедничката истрага со кодно име IRON реализирана меѓу надлежните служби на Република Северна Македонија и Република Албанија ја доби I награда за најдобра заедничка истрага во рамки на СЕЛЕК за 2021 година (заплена на 325 кг кокаин).

Исто така заедничката истрага со кодно име TAKSIM реализирана меѓу надлежните служби на Република Северна Македонија и Турција доби I награда за најдобра заедничка истрага во рамки на СЕЛЕК за 2022 година. (запленети 1105 кг прекурсори).

На крајот од средбата, како што соопшти МВР,  министерот Спасовски уште еднаш го потврди ставот дека и во наредниот период Република Северна Македонија ќе продолжи да има значајна улога и со своето учество да дава евидентен придонес во остварување на главната функција на СЕЛЕК - борбата против организираниот и сериозен криминал во Југоисточна Европа и пошироко. дма/

 

Фото:МВР

Остани поврзан