Спасовски: Обраќањето на Сиљановска Давкова не понуди визија за иднината на државата
- Доколку постои каков било предлог за унапредување на евроинтегративните процеси на државата, тој предлог да биде споделен и со парламентарната опозиција и на основа на тоа, заеднички да разговараме, да заземеме соодветни ставови и заеднички да им помогнеме на граѓаните и на државата, нагласи Спасовски меѓу другото.
Скопје, 25 декември 2024 (МИА) - Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ денеска изјави дека денешното обраќање на претседателката на земјава, Гордана Сиљановска Давкова, не понудило визија за иднината на државата.
Тој рече дека очекувал многу теми во општеството да бидат дел од денешното обраќање на Сиљановска Давкова во Собранието.
- Морам да кажам дека два дела во обраќањето, кога зборува за Армијата, поддршката на Армијата и поддршката на сите политики што би значеле унапредување на состојбата во Армијата и подобрување на животниот стандард на сите воени и цивилни лица во Армијата, е нешто за што ќе добие поддршка од нас. И второ, поддршката на еднаквите можности, вметнувањето на жените во политиките и така натаму, декларативно е добро како став на претседател на држава. Меѓутоа, очекувам дека таа декларативност преку влијание преку јавно искажан збор ќе биде преточена во политики, истакна Спасовски на прес-конференција во Собранието.
Меѓу другото, тој рече дека очекувал таа јавно да го осуди носењето на Законот за јавни набавки, со што, додаде, се руши транспарентноста и очекува и ја повика да не го потпише овој указ - Закон за јавни набавки.
- Доколку постои каков било предлог за унапредување на евроинтегративните процеси на државата, тој предлог да биде споделен и со парламентарната опозиција и на основа на тоа, заеднички да разговараме, да заземеме соодветни ставови и заеднички да им помогнеме на граѓаните и на државата, нагласи Спасовски меѓу другото.
Тој со јавноста сподели и дека очекувал зборови и за состојбата на економски план за тоа што се случува во моментов и да биде упатена порака и да се предложи начин за решение на проблемите. бд/фф/
Фото: МИА