• сабота, 23 ноември 2024

Спасовски: МВР со експлицитна порака за никаква толеранција на било која форма на нечовечко однесување и постапување

Спасовски: МВР со експлицитна порака за никаква толеранција на било која форма на нечовечко однесување и постапување
Скопје, 29 септември 2021 (МИА) - На мое големо задоволство денеска земав учество на завршниот настан во рамки на проектот „Елиминација од тортура и нечовечко постапување во затворите и другите установи за лишување од слобода“, финансиран од ЕУ, а имплементиран од Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права,во чија што реализација крајно транспарентно и одговорно партиципираше МВР, преку својот Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, што јасно говори за нашата решеност да продолжиме во реформското трансформирање на полицијата како реален и кредибилен сервис на сите граѓани. Ова го напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот официјален фејсбук профил, каде нагласува и дека правото на слобода и правото на заштита од сите видови на мачење, нечовечко постапување и тортура е едно од основните човекови права, кое нема ограничување. - Оттука, би сакал да нотирам дека МВР во изминатиот период направи сериозни и мерливи напори и презеде активности, не само во поглед на почитување на принципите што го сочинуваат корпусот на човекови права и слободи, туку и за нивна конкретна заштита во доменот на полициското постапување. Практично, и во организациски и во оперативен смисол, полицијата демонстрираше подготвеност и волја да се заложи за подинамично и квалитетно имлементирање на сите сугестии, стандарди и процедури во насока на етаблирање на заштитата на човековите права и слободи, објави Спасовски. Покрај низата проекти во кои полицијата активно учествуваше, заедно со нашите партнерти од ЕУ, од Советот на Европа, од ОБСЕ - МВР, појаснува Спасовски, во 2018 година ја ревидираше, односно надогради и Стандардната оперативна процедура за полициско постапување. Притоа, вели, примарниот фокус беше ставен кон зајакнување на капацитетите за правилна и доследна примена на законските и подзаконските акти во примената на полициските овластувања. - Како водечко начело, МВР во континуитет презема и ќе продолжи да презема мерки за подобрување на состојбата - со експлицитна порака за никаква толеранција на било која форма на нечовечко однесување и постапување, напиша министерот за внатрешни работи Спасовски на фејсбук. цр/дма/

Остани поврзан