• петок, 26 јули 2024

Спасениот македонски државјанин на Халкидики пренесен на копно

Спасениот македонски државјанин на Халкидики пренесен на копно
Атина, 10 јули 2022 (МИА) – Со насмевка на лицето, смирен, опуштен и во добро расположение, 30-годишниот македонски државјанин по поминати над 17-18 часа во морето, стапна на копно и со возило на брза помош беше пренесен во болница, откако спасувачките екипи го пронајдоа во морскиот дел југозападно од Касандра на Халкидики, јави дописничката на МИА од Атина. Веројатно е дека хеликоптерот што учествува во акцијата, го лоцирал исчезнатиот, по што бил информиран товарниот брод, што се наоѓал во близина и го спасил Македонецот, а потоа бил преземен од чамец на грчката крајбрежна служба. На пристаништето беше пречекан со аплауз од присутните, но и од голем број новинарски екипи кои од вчера детално го следат случајот со исчезнатите македонски туристи. Според грчките медиуми станува збор за Иван, 30-годишниот кој вчера славел роденден. Извори од крајбрежната служба на Грција, како што претходно објави МИА, брифираа дека спасениот 30- годишен државјани на Северна Македонија е во релативно добра здравствена состојба. Градоначалничката на Касандра Анастасиа Халкиа за солунскиот информативен портал „Ворија“ вели дека веројатно добрата физичка состојба и смиреноста биле пресудни што и по 18 часа во морето, останал жив. На еден од чамците на спасувачките екипи, додека траеше потрагата беа и братот и таткото на спасениот, кои од Северна Македонија пристигнале на Халкидики. Акција и потрагата на грчката крајбрежна служба, на грчкиот спасувачки тим и спасувачи волонтери продолжуваат за пронаоѓање на последниот од тројцата исчезнат, односно 28- годишен македонски државјанин. ср/дма/

Остани поврзан