• среда, 25 декември 2024

Со средства од ФОСМ ќе се инсталираат фотоволтаични соларни системи во пет училишни објекти во четири општини

Со средства од ФОСМ ќе се инсталираат фотоволтаични соларни системи во пет училишни објекти во четири општини
Скопје, 9 ноември 2022 (МИА) - Фондацијата Отворено општество - Македонија и општините Делчево, Валандово, Чучер Сандево и Центар Жупа питпишаа договори со кои Фондацијата се обврза преку избран економски оператор да инсталира фотоволтаични соларни системи на пет училишни објекти, а општините се обврзаа да го преземат одржувањето на инсталираните системи. Со ова како што велат од ФОСМ ќе бидат задоволени потребите за електрична енергија на овие училишта во кои настава посетуваат вкупно 1.300 ученици. Договорите вчера ги потпишаа извршната директорка на Фондацијата Отворено општество - Македонија, Фани Каранфилова-Пановска  и градоначалниците на општините Делчево - Горан Трајковски, Валандово - Перо Костадинов, Чучер Сандево - Сашко Комненовиќ и Центар Жупа - Аријан Ибраим. -Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), во текот на 2022 година, реализираше посети на повеќе локации во државата со цел да се идентификуваат училишта во помали населени места, рурални и урбани, во кои постојат соодветни технички можности за изведување и инсталација на фотоволтаични соларни системи. По што, ФООМ од сопствени средства и како дел од регионалната иницијатива спроведувана и во Албанија, Србија и Косово, ги избра четирите општини -  Делчево, Валандово, Чучер Сандево и Центар Жупа - за реализација на донацијата, се вели во денешното соопштение од ФОСМ. Пет училишни објекти од кои два средношколски училишни центри - СОУ „Гоце Делчев“ во Валандово и СОУ „Методи Митевски Брицо“ во Делчево, и три основни училишта во рурални подрачја - ООУ „Страшо Пинџур“ - село Јосифово, Валандово, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ - село Кучевиште, Чучер Сандево и ООУ „Неџати Зекирија“ - село Новак во Центар Жупа, се дел од овој проект. Целта на проектот е да се ​​овозможи искористувањето на сончевата енергија и рационално користење на енергијата во пилот-училиштата со што ќе се поддржи еколошката транзиција на институциите, а истовремено ќе се стреми кон создавање т.н. зелени училишта преку едукација и вклученост на учениците и вработените за подобрена енергетска ефикасност. сст/са/    

Остани поврзан