• вторник, 19 ноември 2024

Со сослушување сведоци во Кривичен продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче

Со сослушување сведоци во Кривичен продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) – Со изведување на докази од страна на Обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. 

На минатото рочиште сведочеше поранешен помошник началник од Скопје, кој зборуваше за текот на истрагата за пронаоѓањето на Вања и поранешен началник од Велес, кој сведочеше во врска со истрагата за исчезнувањето и убиството на Панче.

Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие се сомничат дека испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. На 22 ноември минатата година, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска. аа/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан