• вторник, 24 декември 2024

Со свечена академија одбележана Меѓународната недела на сестринството 

Со свечена академија одбележана Меѓународната недела на сестринството 

Скопје, 11 мај 2024 (МИА) – Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки вечерва одржа свечена академија по повод Меѓународната недела на сестринството со која се одбележуваат 5 Мај – Меѓународен ден на акушерките и 12 Мај – Меѓународен ден на медицинските сестри.

Академијата ја отвори претседателката на здружението, Велка Лукиќ, која нагласи дека медицинските сестри се темелот на здравствените системи, а во својот говор се фокусираше на предизвиците со кои се соочуваат - недостигот на овој кадар поради одливот од земјава и, од таа причина, и преоптовареноста на оние што останале да работат во нашите здравствени установи.

-Сестрите мигрираат од работни места во посиромашни земји и одат во побогати земји. Причината е различна – некои за да бидат со своите семејства, некои одат за егзистенција на нивните семејства, а некои од сестрите одат за да прават кариера. Меѓутоа, немаме многу замена по нивното заминување и сестрите што се на работните места се под голем притисок од динамиката што ја бара средината во која работат, одговорноста што ја носат и безбедноста нивна и на пациентот. Поради тоа, тие се многу оптоварени и се под голем стрес. Тоа е опасно затоа што може да дојде до несакани грешки и несакани пропусти, истакна Лукиќ. 

Додаде дека мора да внимаваат „како ќе излезат во пресрет на потребите што се влечат со години наназад“ и соопшти дека имаат барања што ќе ги упатат до идната влада. 

-Тие остануваат со години исти и треба да се регулираат. Во делот на образованието – покрај стручните да може да има академски студии, колективните договори да се променат и да се следи образованието како и за другите професии. Треба да помогнеме во однос на стандардизација на работата и да изработиме категоризација на пациентите според нивните потреби. Не може да се делат на интерна гранка и хируршка, туку според нивните потреби – дали е самостоен, зависен, дали е полузависен или е на интензивна терапија, рече Лукиќ. 

Празникот на медицинските сестри им го честиташе претседателка на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова, која во поздравниот говор истакна дека сестрите се 50 отсто од вкупниот број  здравствени работници во светот и дека нивната работа е нераскинливо поврзана со работата на докторите. За квалитетно и успешно лекување  на пациентите, нагласи таа, потребно е и едните и другите професионално, стручно и одговорно да ги извршуваат своите работни задачи. 

-Лекарот и медицинската сестра се еден тим, едно цело и синергија меѓу нив е неопходна за давање квалитетна здравствена заштита. Медицинските сестри играат клучна улога во унапредување на здравјето, спречувањето на болестите и обезбедување примарна и превентивна здравствена грижа. Изразуваме голема почит кон медицинските сестри за нивното залагање и пожртвуваната работа и грижа за здравјето на населението и даваме поддршка на секоја иницијатива и напор за инвестирање во едукација на медицински сестри и акушерки и зајакнување на нивната улога во здравствениот систем, што е и мото на годинашниот Меѓународен ден, рече претседателката на Лекарската комора. хс/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан