• среда, 25 декември 2024

Со садење на 150 дрвца се обновуваат дрворедите на булеварите во Струмица

Со садење на 150 дрвца се обновуваат дрворедите на булеварите во Струмица

Струмица, 6 декември 2023 (МИА) - Во Струмица денеска со засадување на 150 дрвца почна обновувањето на дрворедите на булеварите во градот. Иницијативата е на млади струмичани кои реагирале на исекувањето на дотраените дрвца од новата велосипедска патека и денеска ученици од трите средни училишта и Младинскиот совет заедно со градоначалникот Костадин Костадинов засадија нови.

- Целата иницијатива започна заедно со младите Катја Маглешева и Филип Тодоров при реализацијата на велосипедската патека. Знаевме дека имаме и неплански насадени дрвца и растенија коишто не беа компатибилни за дрвореди и правеа штети и на тротоарите и на улицата и моравме да ги исечеме. Но, направивме многу добар договор со Катја и Филип и со сите средношколци на секое исечено дрво да засадиме 10 нови, но не во планина, туку долж булеварите во Струмица и тоа и се случува, изјави градоначалникот Костадинов.

Според Катја Маглешева, целата иницијатива произлегла по отстранување на дрвја кога почнала изградбата на новата велосипедска патека.

-Упативме молба до градоначалникот Костадинов и бевме примени кај него за да разговараме и се договоривме да бидат засадени 150 дрвца на места од кои беа отстранети, но и на нови места и на тој начин да дадеме наш придонес во намалувањето на загадувањето, изјави Маглешева.

Дрвцата кои денес се посадија имаат корен што не се шири, туку одат централно кон земјата и ќе бидат компатибилни со инфраструктурата во Општина Струмица, а како што најави струмичкиот градоначалник зазеленувањето на урбаниот дел на градот ќе продолжи и понатаму. рт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан