• сабота, 23 ноември 2024

Со рачно зажнејување и жетварски песни официјално означен почетокот на жетвата на оризот во Кочанско

Со рачно зажнејување и жетварски песни официјално означен почетокот на жетвата на оризот во Кочанско
Кочани, 8 октомври 2022 (МИА) – Со рачно зажнејување со срп, жетварски песни и благослов за добар принос на оризовата арпа, денеска во Кочани официјално беше означен почетокот на овогодишната жетва на оризот. Централниот настан со традиционалните обичаи за прибирање на реколтата се одржа во селото Горни Подлог, во рамки на петдневната културно-промотивна манифестација „Денови на кочанскиот ориз“. Во присуство на заменик-министерот за земјоделство, Абдулшуќур Абедини, државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски, градоначалниците од збратимените општини Крижевци од Хрватска и Разлог од Бугарија, како и гости од земјата и странство, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, го означи почетокот на жетвените активности. -На ова место и на овој ден имаме можност да го чествуваме и да му се поклониме на оризопроизводителот, да се заблагодариме за придобивките што ги имаме од долгогодишното производство на оризот и да се заложиме да го вратиме достоинството на земјоделецот оризопроизводител, да ја вратиме достоинствената цена на оризовата култура. Сето тоа има голем традиционален и историски придонес за стопанскиот и, воопшто, за општествениот развој на селата, на градот и на целиот регион. Очекувам дека овогодишната откупна цена ќе биде пристојна и прифатена од земјоделците, а нивниот труд ќе биде вреднуван, за да можеме идната година да влеземе поподготвени за новата реколта, истакна градоначалникот Папазов. Заменик-министерот Абедини нагласи дека Министерството за земјоделство дава поддршка на сите настани во државата преку кои се промовира производството на храна. -Наша цел е и оризопроизводителите да го претстават своето производство и традициите, а со тековните политики и со Националната програма за земјоделство и рурален развој, ние досега им обезбедивме конкретна поддршка и ќе продолжиме во наредниот период, затоа што се гледа дека тоа дава резултати. На ниво на држава Министерството потпиша 47 договори за вакви настани и манифестации, со цел да ги зачуваме нашите традиции. На манифестацијата во Кочани видов дека главниот збор го имаа повозрасните земјоделци, но им благодарам што сепак традициите ги пренесуваат и меѓу помладите, истакна Абедини. На свеченоста во Горни Подлог беше прогласен и најдобриот млад земјоделец оризопроизводител, а паричната награда што ја обезбеди Општина Кочани годинава ѝ припадна на Анета Велкова од селото Грдовци. Манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ попладнево продолжува во Паркот на Револуцијата во Кочани со презентација на традиционална храна од ориз и домашни ракотворби. Во културно-забавниот дел ќе настапат ученици од основните и средните училишта, домашни и фолклорни ансамбли од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија, а концерти ќе одржат Зарина Првасевда, Ирена Спасовска со „Маестро бенд“, како и рок-групите „Паркети“ и „Дејзи“. та/хс/

Остани поврзан