• среда, 27 ноември 2024

Со проекција на „Зад стоговите сено“ почнува осмото издание на МФФ Киненова

Со проекција на „Зад стоговите сено“ почнува осмото издание на МФФ Киненова

Скопје, 13 октомври 2023 (МИА) - Со проекција на филмот „Зад стоговите сено“ на грчката режисерка Асемина Проедроу и доделување на наградата за особен придонес во филмската уметност на актерот Бранислав Лечиќ, вечер во „Синеплекс“ во Скопје ќе биде отворено осмото издание на МФФ Киненова.

-За ова осмо фестивалско издание на Киненова во кино салите во Скопје, низ играта на светлото, сенките и боите на филмската проекција, ќе се изнедрат универзуми на осум нови храбри филмски авторски гласови од цел свет со нивните деби филмови, преку кои на вас драга публико ви подаруваме можност да го видите светот во целина, така што ќе можете да ги видите актуелните приказни од Бразил, Англија, Шпанија, Иран, Грузија, Македонија, Србија и Украина и сите заедно да придонесеме во градење на една нова цивилизација на повисоки вредности, порача Небојша Јовановиќ, директор на Фестивалот.

Уметничкиот директор на Фестивалот, Гена Теодосиевска посочи дека во осмото издание во натпреварувачката програма носат осум филмски стории на дебитанти и перспективни автори

-Во нашето осмо издание во натпреварувачката програма ви носиме осум драгоцени филмски стории на дебитанти и перспективни автори кои ги рушат стереотипите на воздржаност и одважно и вртоглаво се втурнуваат во вителот на актуелното, горливото, ранливото, убавото, грдото и доброто, одмаздољубивото и рамнодушното, тажното и среќното, во она што ни е на дофат, и во она што е далеку од нас, во трансцедентното и во суровото реално. Тие користат и класични и екпсериментални концепти, но „ѓаволот“ е меѓу дијалозите, онаму каде што навистина се случува филмот. Такви филмови ќе гледате на 8.МФФ Киненова, филмови што освојуваат, филмови што ќе се паметат, потенцираше Теодосиевска.

Од денеска до 18 октомври во „Синеплекс“ ќе може да се проследи целосната програма на Фестивалот.бт/са/

ФОТО/ Киненова

Остани поврзан