• сабота, 23 ноември 2024

Со премиера на претставата „Фирма“ почнува фестивалот РУТА

Со премиера на претставата „Фирма“ почнува фестивалот РУТА

Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Во Драмски театар вечер, со премиера на претставата „Фирма“, почнува регионалниот театарски фестивал РУТА. Фестивалот ќе трае до 8 октомври, а македонската публика ќе може да ги види „Декамерон“ на Градско позориште Подгорица, „Нора“ на Местно гледалишче Љубљана, „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево и „Самрак на боговите“ на Београдско драмско позориште. РУТА завршува со претставата  „Отело“ на театарот Улисис од Хрватска.

„Фирма“ е во режија на Нела Витошевиќ, по текст на авторот Роланд Шимелфенинг, а играат: Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Розе Трајчевска – Ристоска, додека изборот на музиката е на Нела Витошевиќ. „Фирма“ ќе биде на редовен репертоар на 13-ти и 14 октомври.

„Декамерон“ е во копродукција со Народно позориште Ниш, во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски, додека „Нора“ е во режија на Нела Витошевиќ. Претставата „Син“ ја режира Дино Мустафиќ, а автор е Флоријан Зелер. „Самрак на боговите“ е во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ, додека за „Отело“ режијата и е доверена на украинската режисерка Оксана Дмитрова. Поделбата на улогите за оваа претстава, освен на актерите на Улисис, е направена и со членовите на „Сараевски ратни театар“ од Сараево.

-Драмски театар Скопје ја отвара театарската сезона со шеснаесеттата по ред РУТА на која македонската публика ја има ексклузивната можност да проследи претстави направени во копродукција на повеќе театри и режисери од целиот регион. Поради големиот интерес на публиката пуштени се во продажба поединечните и блок билетите за фестивалот, информира Драмски театар. мч/лв/

Остани поврзан