• понеделник, 23 декември 2024

Со потписи официјализирани пет кандидатури за претседател

Со потписи официјализирани пет кандидатури за претседател

Скопје, 2 март 2024 (МИА) - Податоците на Државната изборна комисија (ДИК) заклучно со вчера покажуваат дека од вкупно 11 кандидати уште шест ги немаат потребните 10.000 потписи за претседателска кандидатура, а пет ја постигнаа бројката. 

Од синоќа потребните потписи ги имаат и Билјана Ванковска (Левица)  која според пресекот на ДИК има 10.278 потписи како и Стевчо Јакимовски (ГРОМ) кој има 10.269. Претходно со собрани 10.000 потписи претседателски кандидати се Максим Димитриевски (ЗНАМ-За наша Македонија) со 11.562, Бујар Османи (ДУИ) со 11.079 и Арбен Таравари (коалиција „Вреди“) со 10.706. 

Од другите кандидати, Вело Марковски има 1330 потписи, Мерсиха Смаиловиќ 1286,  Ѓорѓи Манасков 388, Зорица Цветковска 176, Господин Поповски 106, Томе Николовски 0. 

Потписи од утре ќе собираат и кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и на СДСМ Стево Пендаровски и покрај поддршката што за нив се очекува да ја официјализираат  викендов партиите. 

Постапката за собирање потписи почна на 23 февруари, а  ќе трае до 8 март до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. 

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори. лв/

Фото:МИА архива 

Остани поврзан