• сабота, 23 ноември 2024

Со полн гас во климатски пекол

Со полн гас во климатски пекол
14 ноември 2022 (Дојче веле) Ако и 27. климатски самит не го спаси светот, тоа сигурно нема да се должи на недоволно драстични предупредувања. На КОП27 атмосфера на тревога. Впечатливи слики користи особено шефот на ОН, Антонио Гутереш. На конференцијата за климата КОП27 владее атмосфера на тревога: „Ние сме на автопат кон климатски пекол и згазнавме на педалот за гас“, предупреди генералниот секретар на ОН,Антонио Гутереш на пленарната седница на 27-та Конференција на ОН за климатски промени. Тој ги повика десетиците шефови на држави или влади во Шарм ел Шеик да дејствуваат: „Човештвото е пред избор - да работиме заедно или да пропаднеме“. Или ќе има „пакт за климатска солидарност или пакт за колективно самоубиство“, оцени Гутереш. Конференцијата за климата се одржува во сенка на руската агресивна војна против Украина и придружните енергетски и прехранбени кризи. Гутереш нагласи дека глобалното затоплување има многу поголеми димензии од тоа. Климатските промени се „на друга временска оска“ и имаат „друг обем“. „САД и Кина имаат особена одговорност“ Шефот на ОН забележува дека и покрај децениските разговори за климата, постигнат е премал напредок за планетата да се спаси од прекумерно затоплување. Земјите дејствуваа премногу бавно или само неволно, оцени тој: „Емисиите на стакленички гасови продолжуваат да се зголемуваат. Глобалните температури продолжуваат да растат. И нашата планета брзо се приближува до точката од која што климатскиот хаос е неповратен“, вели Гутереш. Затоа тој повикува на пакт меѓу најбогатите и најсиромашните земји со цел да се забрза транзицијата од фосилни горива кон енергии поволни за климата. Исто така, мора да се осигура посиромашните земји да ги намалат своите емисии и да се справат со неизбежните ефекти од глобалното затоплување што веќе се случува. „Двете најголеми економии - САД и Кина - имаат посебна одговорност да работат заедно за да го направат овој пакт реалност“, опомена Гутереш. „Живот во просперитет без да ѝ се наштети на климата“ За германскиот канцелар Олаф Шолц, преминот кон обновливи извори на енергија не е „само услов за напредна климатска, економска и еколошка политика, туку и императив на безбедносната политика“. Помалку суши и поплави, помалку конфликти околу ресурси, помалку глад и неуспешни жетви значат „поголема сигурност и просперитет за сите“, нагласи Шолц. Германскиот канцелар дефинираше четири цели за климатската политика: „Робустна работна програма за намалување на емисиите“, повеќе поддршка за државите кои се најтешко погодени од последиците од климатските промени, придржување до националните климатски цели, според кои Германија сака да биде една од првите индустриски развиени земји што ќе стане климатски неутрална до 2045 година, како и технолошкото партнерство во развојот на енергијата од ветер, сончевата енергија и зелениот водород. Климатските обврски да не бидат жртва на заканите од Русија Францускиот претседател Емануел Макрон не сака да ја занемари заштитата на климата и покрај руската војна против Украина. „Нема да ги жртвуваме нашите климатски обврски поради руската енергетска закана“, рече Макрон на КОП27. Многуте кризи една по друга би можеле да доведат до тоа многумина да попуштат и да кажат: „Имаме други приоритети, климата може да почека“, вели францускиот претседател. Но, климатската вонредна состојба се случува денес, а не утре. Според Макрон, она што беше кажано на конференцијата за климата во Глазгов минатата година останува валидно - дури и ако светот веќе не е ист поради војната во Украина. Африканците бараат крај на тактиките на одлагање Кенискиот претседател Вилијам Руто повика на прекин на „тактиките на одлагање“ во спроведувањето на климатските цели. Долгите преговори за климата, кои се одолговлекуваат со години, се „едноставно сурови и неправедни“, рече Руто, кој е и портпарол на африканската преговарачка група на самитот за климата во Шарм ел Шеик. „Не можеме да си дозволиме веќе да трошиме време за заобиколување на вистинските проблеми“, додека климатските катастрофи во Африка веќе бришат човечки животи и ги уништуваат основните средства за живеење. „Климатските промени директно ги загрозуваат животите, здравјето и иднината на нашите народи“, потенцираше Руто. Комесарот на ОН предупредува од бегалци поради климата Од почетокот на индустриската револуција, Земјата веќе се загреа за речиси 1,2 степени, а екстремните временски прилики поврзани со климата, како што се поплавите и сушите, веќе значително се зголемуваат. Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, на КОП27 апелираше да се преземе сѐ за да се избегне „катастрофална иднина за милиони раселени луѓе“. Лидерите мора да ги опремат земјите кои се на првите линии на фронтот на климатската криза за екстремни временски услови и да го ублажат влијанието на климатските ургентни состојби. Според Организацијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), повеќе од 70 отсто од бегалците и раселените лица ширум светот доаѓаат од земји кои се особено изложени на последиците од климатските промени. Тука се вбројуваат Авганистан, Демократска Република Конго, Сирија и Јемен. Фото: ЕПА  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан