Со над 18.000 припадници на противпожарната служба и 85 воздушни средства Грција подготвена за сезоната на пожарите
- Противпожарната служба брои речиси 18.800 припадници, што претставува зголемување за 800 лица во споредба со лани, а воздушната флота со 85 воздушни средства е една од најголемите во Европа, посочи министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Јанис Кефалојанис, во интервјуто за весникот „Документо“, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 30 март 2026 (МИА) - Противпожарната служба брои речиси 18.800 припадници, што претставува зголемување за 800 лица во споредба со лани, а воздушната флота со 85 воздушни средства е една од најголемите во Европа - посочи министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција, Јанис Кефалојанис, во интервјуто за весникот „Документо“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во пресрет на годинешната сезона на пожари, надлежниот министер нагласи дека државниот механизам е „поподготвен, подобро координиран и позајакнат отколку во претходните години“.
- Сепак, овие бројки во никој случај не треба да бидат причина за опуштање. Ефикасноста не се мери само со бројот на средства или персонал, туку со степенот на подготвеност, координацијата и, пред сè, навремената интервенција - објасни Кефалојанис.
Додаде дека подготвеноста во цивилната заштита не е состојба што се освојува еднаш засекогаш, туку е „континуиран процес на будност и приспособување“, но и дека во услови на климатска криза ниеден систем не може да се смета за доволен.
- Од оваа перспектива, целта не е целосно избегнување пожари, нешто што никогаш не било реално. Наместо тоа, поставивме две јасни цели: да ги ограничуваме површината и интензитетот на случаите на пожар преку превенција и навремена реакција и, пред сè, да го штитиме човечкиот живот - посочи министерот. ср/јт/
Фото: Министерство за климатски кризи и цивилна заштита на Грција