• понеделник, 16 декември 2024

Со инклузивна детска претстава Кисела Вода ги одбележа Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела

Со инклузивна детска претстава Кисела Вода ги одбележа Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела

Скопје, 10 октомври 2024

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вечерва беше дел од одбележувањето на Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела. Во МКЦ, во организација на Општина Кисела Вода, Здружението на деца и родители со церебрална парализа, заедно со децата од Детскиот алтернативен театар „Мали, а, големи“, пред преполна сала, се одигра инклузивната детска претстава „Малиот принц“.

-Денес сме тука заедно да го одбележиме Светскиот ден на лицата со церебрална парализа и Детската недела, на еден навистина посебен начин – со инклузивната театарска претстава „Малиот принц“. Оваа претстава е доказ дека инклузивноста не е само збор, туку вредност која ние како општина ја негуваме и применуваме преку конкретни проекти. Денес на оваа сцена ќе видиме како децата од Здружението на деца и родители со церебрална парализа, заедно со децата од Детскиот алтернативен театар „Мали, а, големи“, ни го претставуваат светот на пријателството, љубовта и храброста.

Преку овој настан јасно се гледа дека сите деца, без разлика на нивните предизвици, имаат еднакви можности да ги покажат своите таленти и да учествуваат во општествените активности. Со секој ваков проект ја намалуваме маргинализацијата и го отвораме патот за поинклузивно и поправедно општество.

Во Општина Кисела Вода, инклузивноста е приоритет во секој сегмент од нашата работа. Со бројни проекти покажавме дека секое дете заслужува шанса да сонува, создава и учествува, без пречки и ограничувања. Оваа претстава е само еден од многуте примери каде нашата општина стои цврсто зад идејата за еднаквост и поддршка за сите.

Ве уверувам дека со вакви и слични проекти ќе продолжиме да ги отвораме вратите за сите деца и да создаваме средина каде сите се прифатени и вреднувани за тоа што се. Благодарам на сите кои го поддржаа овој прекрасен проект и на сите деца учесници кои ќе ни ја пренесат магијата на театарот-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето излагање пред присутните.

Општина Кисела Вода 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Општина Кисела Вода 

 

Остани поврзан