• вторник, 17 декември 2024

Со измени на Законот за железнички систем укината либерализацијата во железничкиот сообраќај

Со измени на Законот за железнички систем укината либерализацијата во железничкиот сообраќај

Скопје, 3 септември 2024 (МИА) - Собранието вечерва изгласа измени на Законот за железнички систем, со кои се укинува обврската на државава за либерализација на железничкиот сообраќај. 

Министерот за транспорт Александар Николоски образложи дека измените се поради тешката финансиска состојба на МЖ Транспорт и оти во координација со Европската комисија во рамки на Планот за раст е договорено да се тргне обврската за либерализацијата. 

- Со овие измени практично го спасуваме АД МЖ Транспорт, каде работат голем број лица, кои имат свои семејства и треба да ги прехрануваат. Во изминатите два месеца активно работиме на тоа да земаат плати. Во координација со ЕК во рамки на Планот за раст се договоривме да се тргне обврската на Македонија за либерализацијата на железничкиот сообраќај,  затоа што кога би се реализирала ова претпријатие  кое и онака е во тешка финансиска ситуациа целосно ќе колабира, рече Николоски.

Долгот на ова АД во државна сопственост, соопшти, моментно е над 90 милиони евра и правиме напори да го вратиме во фирма. Неколку локомотиви веќе се вратени во операција за карго  превоз кој е најдоходовен, во следниот период ќе се изнајмат уште четири до пет  локомотиви, за што ќе се разговара за соработка со Србија, рече министерот Николоски. 

Благоја Бочварски, пратеник од СДСМ и поранешен министер за транспорт, оцени дека законската измена е непотребен чекор. 

- Одлуката за либерализацијата на пазарот беше донесена по 32 години. Тоа ќе значеше отворање на пазарот за влез на повеќе оператори на пругите.  Со тоа ќе се спуштеа цените пред се на македонските компании. Мора да мислиме на македонската економија и да отвориме  врати за порз и поевтин транспорт, рече Бочварски.

Со измените се брише член 65-а од Законот во кој се пропишани одредби за правно или физичко лице кое врши превоз за сопствени потреби да има право на пристап до железничката инфраструктура и да може да врши превоз на железничката инфраструктура.

Со членот 4 од Предлог законот, поради лошата финансиска состојба, како и драстичното намалување на превозот по стока се предлага бришење на член 67-а од Законот во кој се пропишани одредби за висината на надоместокот за користење на железничката инфраструктура. лв/цр

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан