• понеделник, 23 декември 2024

Со изложби и концерт во Крива Паланка и Кратово одбележан Светскиот ден на Ромите

Со изложби и концерт во Крива Паланка и Кратово одбележан Светскиот ден на Ромите

Крива Паланка, 8 април 2024 (МИА) – Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април, во Крива Паланка и Кратово одбележан со креативни активности, изложби и концерт.

Во организација на Европската куќа Крива Паланка беше поставена изложба и се одржа креативна работилница, а Националната установа центар за култура Крива Паланка синоќа го организираше концертот „Под сонцето“.

- Осми април е ден на кој се слави ромската култура и служи за подигнување на свеста за предизвиците со кои се соочуваат Ромите во Европа и светот. Како Европска куќа во рамки на заеднички активности поставивме едукативна изложба низ училиштата низ целата држава, изложба што имаше функција да ги запознае посетителите со културното наследство и придонесот на Ромите во збогатување на македонското и европско општество. Со прославата продолживме во музејот во Кратово, каде преку едукативна работилница со Регионалната ромска образовна младинска асоцијација се запознавме со адресирање на предизвиците на ромската заедница, социјалната исклученост и дискриминацијата, а потоа со Младинскиот центар од Пробиштип, ја сликавме убавината на ромската култура на „платното на диверзитетот“, информираат од Европската куќа Крива Паланка.

Синоќа,пак, во НУЦК Крива Паланка, како дел од априлската програма на „Крива Паланка-Град на културата“, се одржа концертот „Под сонцето ", во чест на Светскиот ден на Ромите.

На концертот настапија група „Бајса и пријателите“ во состав: Бајса Арифовска, Дамир Имери, Ратко Даутовски и вокал Душко Георгиевски.

Паланчани имаа несекојдневна можност за да проследат концерт на кој прозвучеа традиционални ромски песни.

Бајса Арифовска е македонска музичарка, претставничка на новата генерација ромски и македонски музичари. Активно свири на преку 15 инструменти. ид/ир

 

Фото: Европска куќа Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан