• сабота, 23 ноември 2024

Со изведба на одбрани арии отворено јубилејното 60. „Охридско лето“

Со изведба на одбрани арии отворено јубилејното 60. „Охридско лето“
Охрид, 4 август 2020 (МИА) - Охрид од вечерва до 30 август ги живее своите 28 дена возбуда што ги носи Фестивалот „Охридско лето“. Со познати арии во изведба на уметниците Марија Јелиќ, Дарио Ди Виетри, Иван Томашев и Аманда Стојовиќ, во пијано придружба на маестро Миливое Велиќ, вечерва на Античкиот театар беше отворено годинашното јубилејно 60-то издание на нашата најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација. Вечерашниот концерт е посветен на незаборавната оперска примадона Ана Липша – Тофовиќ, која на фестивалот му врежа љубов, но и вечност. Токму со нејзиниот концерт одржан на денешен ден во 1961 година Фестивалот „Охридско лето“ почна да ја испишува својата биографија. Пред евидентно редуцираниот број гости на Антички поради КОВИД-пандемијата, Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Стево Пендаровски кој упати честитки за шестдецениското опстојување во кое, како што истакна, „врвни македонски, европски и светски уметници нѐ почестија со својата извонредност, тука во Охрид“. - И од тука ја промовираа македонската култура и, воопшто, вредностите на нашиот народ и држава. Ова достигнување е заслуга на генерации културни работници и поддржувачи кои со својот труд и со посветеноста се вградија себеси во мисијата на овој фестивал, рече претседателот. Пендаровски нагласи дека организирањето на „Охридско лето“ во услови на КОВИД-19 не е воопшто лесно, но е апсолутно неопходно, зашто веќе 60 години манифестацијате е модел за врвни естетски достигнувања на меѓународно ниво. - Во исто време, ова е фестивал на креативни поединци кои се исправаат наспроти деструктивните тенденции. Се разбира дека од ваквите потфати на уметнички здружувања и политиката може да учи за тоа како се создаваат слободни, отворени, еманципирачки, динамични јадра што ја потврдуваат убавината на различностите. Нужно е да ги задржиме нивото и квалитетот што со себе ги носи фестивалот „Охридско лето“. Колку што културата ни е потребна во мирни времиња, уште повеќе ни е неопходна во време на криза, истакна шефот на државата. Пред публиката се обрати и министерот за култура во заминување Хусни Исмаили, кој изрази задоволство што фестивалот е постар од голем дел од присутните вечерва на Античкиот театар. - Фестивалот „Охридско лето” не се мери веќе со годините на неговите изданија, но се мери со уметничките успеси што ги носи секоја година...Јас сум силно убеден дека никој повеќе не може да не го признава престижот на фестивалот кој што денес е повеќе од очекувањата на самите основачи пред 60 години, зошто да не и повеќе од нивните соништа за еден фестивал што ќе биде уметнички амблем на Северна Македонија на уметничката светска арена, рече Исмаили, истакнувајќи дека фестивалот не успеал само заради постојаната поддршка на државата, туку пред се поради тоа што израснал од ентузијазмот и љубовта на многу луѓе кои можеби вечерва и не се меѓу нас, но со нивната посветеност овозможиле фестивалот да опстои повеќе од половина век и да создава уметници што би ги посакувала секоја светска сцена. Во име на учесниците на Фестивалот уметничката порака ја пренесе Снежана Анастасова-Чадиковска, истакнат академски музичар, пијанист, педагог и музички публицист која зад себе има богата концертна дејност токму и на сцената на „Охридско лето“, а во својот богат минат труд е успешна и како селектор на фестивалската програма. Анастасова-Чадиковска говореше во име на оние кои веќе шест децении со музика, збор, запис или израз на телото ги оживотворуваат и овековечуваат фестивалските сцени, тоа се поголемо, блескаво братство кое веќе брои преку педесет илјади музичари, актери, балетски играчи.... - Велам братство, вистинско братство, зошто убедена сум дека нема уметник кој ја доживеал онаа толку специфична озвучена светлост под сводовите на „Света Софија”, оној благороден спокој и воедно вековна разиграност на бројните охридски сцени. Нема уметник, независно од која страна на светот доаѓал, на која раса или вера и припаѓал, нема уметник кој не се почувствувал и самиот дел од ѕвездената суштина на градот Охрид и фестивалот „Охридско лето”. Зошто Охрид-тоа е духовното средиште на нашата земја ,но несомнено и еден од светилниците на сесветското човекување, рече Анастасова-Чадиковска. Таа уште нагласи дека повторно уметниците се тука во Охрид, да го оживеат 60-от фестивал „Охридско лето“, и оваа година да проговорат низ врвни музички, драмски и балетски дела за моќта на креативното. - За убавината-чуварот на онаа толку неопходна надеж за животната радост на секој нов, иден ден. Тука сме. Сите заедно, одново ќе чекориме по вечните охридски ѕвезди, рече Анастасова-Чадиковска. До 30 август на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија“, како и во самата црква ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници. Музичката програма на „Охридско лето“ оваа година содржи 26 концерти, од кои два во фестивалската офф-програма. На фестивалската сцена ќе настапат врвни имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекиќ од САД, Фукио саксофон квартетот од Шпанија, косовскиот гитарист Петрит Чеку, италијанскиот фелјтист Масимо Мерчели, мецосопранот Викена Каменица од Албанија, Келнскиот гудачки секстет, францускиот обоист Ариан Баке, Дуо Солипс...Несекојдневен настан е концертот за четири клавири и оркестар од Чешка, од македонската сцена Марија Ѓошевска, хорскиот ансамбл „Про Арс“ со маестро Сашо Татарчевски, Гордана Јосифова - Неделковска, потоа Скопје танцов театар со Рисима Рисимикин, гала оперска вечер под раководство на диригентката Бисера Чадловска, како и женскиот балетски ансамбл и оркестар од НОБ. Веќе редовни на фестивалот се Вечерите на Музичката младина со камерниот оркестар „Саша Николовски Ѓумар“, тука е и вечерта со музиката на македонскиот композитор Томе Манчев, со нсатапите на Весна Анѓеловска, Маја Шутевска, Љубиша Кировски, Марјан Милошевски, Горан Начевски, Елена Атанасовска, Антоние Весковски, како и уште многу ексклузивни уметнички имиња. Драмската програма почнува утре со претставата „Сестрите Прозорови“ на Чехов, во изведба на Театарот „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ од Велес. На програмата се и изведбите на Драмски театар кој ја носи претставата „Чудесна терапија“, претставата „Човек, ѕвер и доблест“ на Театар Комедија, премиерата „Полковникот Птица“ на Народниот театар од Гостивар, преставата за деца на Театар за деца и младинци „Јованче и Марика“, а затворањето на Фестивалот е резервирано за изведбата на „Бог на масакрот“ на Турскиот театар од Скопје кој годинава слави 70-годишен јубилеј. Ова фестивалско издание прв пат се одржува надвор од вообичаениот термин, од 12 јули до 20 август, поради ситуацијата наметната од епидемијата на коронавирусот. Сите фестивалски настани ќе се одржуваат со ригорозно почитување на протоколите за заштита од ширење на КОВИД-19. Управата на Фестивалот однапред најави дека независно од интересот кај публиката за некоја од понудените содржини, во ниту еден случај нема да биде дозволено пречекорување на однапред предвидениот број седишта. Шестдецениското опстојување и успешниот пат од едновечерен концерт до манифестација со врвен светски уметнички дострел, Фестивалот „Охридско лето“ ќе го одбележи со промоција на монографијата „Фестивалска приказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева –Ангеловска. „Охридско лето“ е дел од семејството на Европската асоцијација на фестивали уште од 1994 година, кога и официјално зачекори кон остварување на мисијата - културна Европа со заеднички врвни културни вредности. „Охридско лето“ денес претставува гордост, национално достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Македонија, манифестација која на најдостоинствен и најрепрезентативен начин не промовира ширум светот. аб/мч/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан