• сабота, 23 ноември 2024

Со засилувачки дози, маски и зелени пасоши Израел успеа да се справи со четвртиот бран на Ковид-19

Со засилувачки дози, маски и зелени пасоши Израел успеа да се справи со четвртиот бран на Ковид-19
21 октомври 2021 Ројтерс

Четири месеци во услови на еден од најтешките бранови на коронавирус, Израел забележа остар пад на нови инфекции и сериозно болни пациенти, што беше постигнато со помош на засилувачките вакцини, пасошите за вакцинација и задолжителното носење маски, соопштуваат научници и претставници на здравствените служби.

Израел во јуни беше погоден од четвртиот бран на коронавирус, поттикнат од брзото ширење на Делта варијантата. Наместо да наложи ново заклучување на земјата, владата се одлучи за трета засилувачка доза од вакцината Фајзер/Бионтек за лица од 12 години и постари, побара од луѓето да носат заштитни маски и воведе „зелен пасош“ - доказ за вакцинација, прележаност или негативен тест за вирусот, што е потребно при посета на ресторани и други места, дури и од деца. Од пикот на заразата во почетокот на септември, дневниот број на нови инфекции опадна за повеќе од 80 проценти, а бројот на тешки случаи се намали речиси за половина. „Од ден на ден, го прекинуваме бранот на Делта варијантата“, рече денеска премиерот Нафтали Бенет, препишувајќи ја заслугата на владината политика за „строго, интелигентно и флексибилно управување што го прави животот возможен во услови на коронавирусот“. Израелската стратегија за „живеење со Ковид-19“, која беше спроведена, наиде на отпор и имаше своја цена, овозможи училиштата да останат отворени, а економијата да продолжи да работи. Израелското Министерство за здравство вчера ги претстави најновите податоци за безбедноста и ефективноста на кампањата за трета вакцина пред група советници од американската Агенција за контрола на храна и лекови, која размислува за одобрување дополнителни засилувачки дози. Податоците покажуваат дека кај луѓето постари од 60 години, првата група која доби засилувачки дози, инфекциите почнале нагло да опаѓаат околу две недели по дозирањето, додека бројот на нови инфекции кај другите возрасни групи продолжува да расте. Анализата на податоците на Дорон Газит и Инон Ашкенази од тимот на Еврејскиот универзитет во Ерусалим за следење на коронавирусот покажа дека брзината на репродукција на вирусот - неговата способност да се шири - започнала нагло да опаѓа кај секоја возрасна група по третата доза вакцина. Во првите два месеца поминати во третиот бран, вакцинираните лица постари од 60 години беа повеќе од половина од тешките случаи на коронавирус. Повеќето од нив беа постари од 70 години и во здрава состојба, изложувајќи ги на поголем ризик. Откако се дадени засилувачки дози, тешкиот тек на болеста е забележан главно кај невакцинирани, обично млади луѓе. Тие сочинуваат околу 75 проценти од хоспитализираните пациенти во тешка состојба, додека оние што се вакцинирани со две или три дози претставуваат една четвртина од овие случаи. Третата доза досега беше ефикасна во справувањето со тешки случаи кај вакцинирани лица на возраст од 40 години и повеќе, според Министерството за здравство. Има помалку достапни податоци за тинејџери и млади полнолетни лица. Меѓутоа, според Министерството за здравство, досегашните наоди покажуваат дека третата доза не го зголемила ризикот од миокардитис - ретко воспаление на срцето кај помладите луѓе. . Се уште нема конечен став за засилувачките дози           Ран Балисер, претседател на владината група експерти за борба против Ковид-19, рече дека комбинацијата на мерки доведе до контрола на Делта бранот. „Тие вклучуваат задолжителни маски, ’зелени пасоши’, ПЦР тестови и антигенски тестови. Но, веројатно најважниот фактор што влијае на намалувањето на летниот бран Делта е масивната кампања за зајакнување на вакцинацијата", рече Балисер. Во Англија, каде што се даваат засилувачки дози на околу 5 проценти од населението, маските веќе се отфрлени од повеќето луѓе, пасошите за вакцинација не се задолжителни, а случаите на Ковид-19 се во пораст. Некои истражувачи велат дека одлуката на Израел да ја одобри третата доза за млади полнолетни лица и тинејџери кон крајот на август била избрзана, со оглед на недостигот на јасни докази за нејзините придобивки. Според нив, фокусот треба да остане на убедување на невакцинирани луѓе да се согласат да бидат вакцинирани.
Соединетите Американски Држави и неколку европски земји досега одобрија засилувачки дози само за постари лица, лица со ослабен имунолошки систем или работници изложени на ризик од инфекција со коронавирус. Светската здравствена организација ги повика побогатите земји да се воздржат од користење трета доза, додека многу земји се уште немаат пристап до доволно вакцини. „Израел побрза, дури и слепо, кога дојде до одобрување трета доза за целото население, а не за одредени возрасни групи, како што е случај во другите земји“, рече Агеј Левин, професор по епидемиологија на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим. „Во екот на пандемијата, понекогаш треба да донесувате одлуки врз основа на нецелосни податоци“, рече Левин. Сепак, „се уште нема конечно мислење за третата доза за целото население“. Бенет е критикуван од некои научници за отфрлање на построгите мерки што би го задржале нивото на зараза пониско од појавата на Делта варијантата. Меѓу критичарите се и владини претставници во здравствениот сектор, кои се плашат дека политиката „Живот со Ковид-19“ има превисока цена. „При овој бран загубивме 1.400 луѓе. Значи, отворената економија има корист, но таа има своја цена", рече Шерон Алрој-Прајс, раководителка на службата за јавно здравје во израелското Министерство за здравство, на денешната конференција „Ерусалим пост“. До септември, веќе имаше болници кои беа преоптоварени од третманот на пациенти со коронавирус. Ова веројатно можеше да се спречи, рекоа лекарите и здравствените власти. „Тоа е добра политика, но си има своја цена“, рече Јел Хавив-Јадид, шеф на одделот за интензивна нега во Медицинскиот центар „Шеба“, каде што има прилив на млади невакцинирани пациенти. Тој додаде дека „тимовите се многу уморни, едвај издржуваат“. Досега, 3,7 милиони луѓе во Израел примиле трета доза од вакцината - повеќе од една третина од населението. „Израел беше првата земја што се справи со двојниот предизвик - Делта варијантата и масовното слабеење на имунитетот, но дефинитивно нема да биде последна“, предупреди Балисер. „Другите земји кои се соочуваат со овој комплексен предизвик ќе треба да најдат сопствен баланс“, рече тој, нагласувајќи дека „цената за ова може да биде висока“. паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан