Со заедничко оро во центарот на градот вечерва започнува “Гевгелиска везилка”
- Под мотото “Културата нè обединува, а фолклорот нè потсетува кои сме”, фестивалот по втор пат ќе обедини повеќе фолклорни друштва од земјава и соседството. Дефилето на сите учесници ќе започне во 17.30 часот од Пионерскиот Дом, а настапите на играорците се предвидени од 19 часот во салата на Народниот театар во Гевгелија.
Гевгелија, 28 март 2026 (МИА) - Со големо дефиле на кое сите играорци ќе изиграат заедничко оро во центарот на Гевгелија, денеска започнува Меѓународниот детски фестивал “Гевгелиска везилка”.
Под мотото “Културата нè обединува, а фолклорот нè потсетува кои сме”, фестивалот по втор пат ќе обедини повеќе фолклорни друштва од земјава и соседството. Дефилето на сите учесници ќе започне во 17.30 часот од Пионерскиот дом, а настапите на играорците се предвидени од 19 часот во салата на Народниот театар во Гевгелија.
Според најавите на организаторот на настанот, ансамблот “Бојмија” од Гевгелија, на фестивалот ќе продефилираат околу 200 учесници. Освен домаќините од Бојмија, публиката ќе има можност да ги проследи и настапите на КУД „Илинден“ од Битола, КУД „Гоце Марковски“ од Скопје, Фолклорниот ансамбл „Мегдан“ од Богданци , како и гостите, КУД „Соко“ од Сокобања, Србија и Фолклорниот ансамбл „Неретва“ од Јабланица, Босна и Херцеговина.
Од “Бојмија” велат дека фестивалот има за цел да се запознаат различните традиции преку игра, песни и народни носии и пред се да се поддржат младите генерации на уметници.
- Идејата за меѓународен детски фестивал ја имавме подолго време, а минатата година по повод изборот на Гевгелија за град на културата за 2025 година, ја реализиравме за прв пат. На градот му недостигаше таква манифестација, а тоа го покажа и фактот што добивме многу пофалби и добри критики за минатогодишното издание. Сакаме детскиот фестивал да стане традиција, и планираме секоја година да повикуваме гости за да го одржиме неговиот меѓународен карактер, изјави претседателот на “Бојмија” - Игор Илиевски.
“Гевгелиска везилка” се организира со поддршка од Општина Гевгелија, а влезот за настанот е слободен. рш/вг/
Фото: Ансамбл "Бојмија"