• среда, 27 ноември 2024

Со европска поддршка ќе се јакнат капацитетите Судскиот совет

Со европска поддршка ќе се јакнат капацитетите Судскиот совет

Скопје, 27 декември 2023 (МИА) - Членовите од Судскиот совет денес остварија работна средба со експертскиот тим од Проектот-Поддршка на ЕУ за владеење на правото, кој во наредните три години ќе работи на зголемување на капацитетите на оваа инситуција.

На средбата, како што информираат од Судскиот совет, покрај претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев и членовите: Тања Чaчарова Илиевска, Селим Адеми, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Антоанета Димовска, присуствуваа лидерот на компонентата 1 за подобрување на капацитетите на правосудните институции Греорж Борковски, неговиот асистент Сандра Прилепчанска Поповска, како и Воислав Стојановски, национален експерт за правосудство.

-Лидерот на компонентата 1 , Борковски зад себе има повеќе од 17 години професионално искуство во Полска, како судија во првостепен и во второстепен суд. Од 2018 година работи како EURALIUS V, проект финансиран од ЕУ во Албанија, како лидер на компонентите што го поддржуваа новоформираниот Висок судски совет, Високиот обвинителски совет и други владини канцеларии. Од 2015 до 2018 година ја извршувал и функцијата шеф на канцеларијата на Националниот судски совет во ранг на државен потсекретар, се наведува во соопштението од Судски совет.

Полскиот експерт ги запознал членовите на Судскиот совет со целите на овој тригодишен проект , кој има за цел да ги подобри капацитетите на правосудните институции за спроведување правда на транспарентен и отчетен начин.

Судскиот совет, како што е посочено во соопштението, е домаќин на една од трите канцеларии на оваа важна компонента, кој со експертска помош ќе ги зајакнува неговите капацитети во неколку области. Експерите ќе бидат ангажирани на анализа и поддршка за подобрување на правилата и практиката за оценување на работата на судиите, дисциплинските постапки, зајакнување на транспарентоста и одговорноста на ова тело, комуникацијата со медиумите. Покрај ова, ќе се работи и на анализа и поддршка на спроведувањето на Стратегијата за човечки ресурси на Судскиот совет, како и на исполнувањето на неговата статутарна улога во согласност со европските стандарди.

Членовите на Судскиот совет им изразиле благодарност на гостите на поддршката и искажале подготвеност за конструктивна соработка.

Инаку, проектот е целосно финансиран од Европската Унија, а договорен е од Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија. Проектот ќе трае 36 месеци со можност за продолжување за уште 6 месеци со буџет од 10,25 милиони евра. дма/са/

Фото: Судски совет

Остани поврзан